„Вреди“ предлага уставен амандман со кој ќе се даде уставен основ за ревизија на сите правосудни постапки за поранешни и сегашни избрани и именувани лица кои се прекинати заради застареност на евентуалната кривична одговорност.
Ваквиот предлог на албанскиот коалиционен партнер во Владата, доаѓа откако опозициската ДУИ побара меѓународно мониториран ветинг за секој политичар во последните триесет години.
Како што информираше на прес-конференција портпаролот на „Вреди“, Фари Хисени, предложениот амандман, кој се однесува на член 52 од Уставот, ќе биде основ и ќе отвори можност со измени и дополнување со нов член – 112а во Кривичен законик да се предвиди одредба со која евентуалните кривични дела сторени од избрани и именувани лица кои се категоризирани како кривични дела против службената должност никогаш да не застаруваат.
Што, како што дополни подразбира и проширување на опфатот на конфискација на противправно стекнат имот пишан на трети лица.
– Со овој амандман, впрочем, ќе се излезе во пресрет на барањата на граѓаните за обезбедување на владеење на правото, правна сигурност и еднаквост пред законите и правосудните постапки за сите избрани и именувани лица кои на предлог на политичките партии извршувале или извршуваат функции во законодавната, извршната или локалната власт, а кои го злоупотребуваат своето влијание и вршат притисоци да ги пролонгираат постапки против нив додека истите не застарат, посочи Хисени.
Еден од главните приоритети на Владата, согласно Програмата за работа на Владата 2024-2028, доставена во Собранието од Христијан Мицкоски, е обнова на довербата во институциите на државна власт, елиминирање на корупцијата и обезбедување на владеење на правото.
Владата, што како што најавува во програмата, ќе иницира донесување на целосно нов Кривичен законик по примерот на неколку нам сродни правосудни системи, Закон за јавно обвинителство, Закон за судови, Закон за Судски совет, Закон за кривична постапка, Закон за Совет на јавни обвинители и други неопходни закони.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче минатиот месец упати апел до Владата до го стави на јавна расправа новиот Кривичен законик, кој како што посочи е изготвен и се наоѓа во Министерството за правда. На тоа, премиерот Христијан Мицкоски му одговори оти нов КЗ ќе се донесе, но по европски стандарди, а не по нечии потреби.