Владејачката коалиција Вреди реагира на одлуката на Уставниот суд за покренување на постапка за оценување на уставноста и замрзнување на т.н. балансер и за оваа одлука ја обвинуваат ДУИ, односно како што велат, криминалните структури на претходната власт.
-Сакаме да укажеме на јавноста дека сите судии, без исклучок или било каква припадност, се избрани со гласови на ДУИ во претходните мандати. ДУИ давала поддршка на сите оние кои денес поведоа постапка против т.н. балансер. Вреди веќе работи на решавање на проблемот со правичната застапеност на Албанците во институциите, но на адекватен систематизиран и кодифициран начин. Вреди ќе го реши овој проблем со нов закон на кој веќе се работи. Да потсетиме дека принципот на рамноправна и правична застапеност е гарантиран со Уставот на Република Северна Македонија и тој не може да биде оспорен и поништен дури ни од страна на Уставниот суд.
Дополнително, во десетици и десетици, можеби и стотици материјални закони за функционирањето и работата на поединечни институции гарантирана е застапеноста на Албанците. Денешната одлука нема да смени ништо за правата на Албанците, ама ја покажува лошата намера на оние кои ги избраа овие судии во Уставниот суд. ДУИ не ги решаваше проблемите на Албанците, немаа време, беа посветени на своите бизниси, тендери, коцкарници, трговски центри, градежни фирми. ДУИ правеа криминал“, реагира Вреди.
Уставниот суд денес ја прифати иницијативата на Антикорупциската комисија да се укине балансерот, односно вработувањата во јавниот сектор по етничка припадност. Мнозинството уставни судии гласаа „за“ иницијативата да се разгледува, додека против беа судиите Осман Кадриу, Фатмир Скендер и Насер Ајдари.
Тоа значи дека на друга седница на Уставниот суд ќе се одлучува дали балансерот е уставен или не. Додека се донесе одлуката вработувањата по етничка припадност се замрзнуваат.