ДУИ со директна интервенција во измените на Кривичниот законик (КЗ) во септември лани овозможила на поранешниот премиер Никола Груевски – омилен политичар на Али Ахмети, да му застари уште една затворска казна, велат од коалицијата Вреди.
„Ова е уште една шајка на Ахмети во ковчегот на неправдата која неговиот режим ја инсталираше 22 години. После срамната спогодба на ‘абазиското обвинителство’ со Иџет Мемети, ова криминализирано раководство издејствува уште една амнестија. Ова фијаско на фаулираниот правен систем е уште една потврда за вирусот на Ахмети инсталиран во правосудството со години, каде што нивните моќници изградија заштитен ѕид околу себе, спасувајќи се меѓусебно од правосудна одговорност“,се вели во реакцијата на „Вреди“.
Додаваат дека претходно истото го направиле и за, како што го нарекуваат, архитектот на маките на Албанците – поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
„ДУИ, партија која две децении го манипулира народот со ветувања за реформи и европски интеграции, е убиецот на секоја надеж за правда и подобра иднина. Сите знаат за притисокот на Артан Груби врз претседателката на Врховниот суд за оживување на аболициите на Ѓорге Иванов, наводно за да изврши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ за усвојување на уставните измени“,се вели во соопштението.
Од коалицијата Вреди велат дека граѓаните треба да разберат дека ДУИ никогаш не била за големиот европски сон, туку негов саботер и оти тие се главните виновници за недостатокот на напредок и за оддалечувањето на Северна Македонија од европскиот пат.
Инаку, експремиерот Груевски, нема да ја одлежи двегодишната затворска казна во предметот „Тенк“ бидејќи в петок (4 октомври) поминуваат шест години од правосилноста на пресудата за набавката на луксузниот владин „мерцедес“.