Најчестото прашање што ми го поставуваат деновиве е: „Дали вредеше?“. Некако со прашањето ми се поклопи и една секвенца од еден филм каде што се отвора дилемата: „Дали пред неколку години, денес сакав да дојдам овде?“. Мојот одговор е едноставен: ДА. Да, зашто никогаш не сум калкулирал, заобиколувал, тактизирал. Пристапот бил искрен и со верба во него, без разлика што сум бил малцинство. Исто е и денес, она во што верувам е исправно, без разлика што моментално тоа мислење е малцинско. Бидејќи припаѓам на оние што сметаат дека во Македонија владее режим, а не популизам, верувам – дека против режим вреди човек секогаш да се бори, секако секој во својата околина на дејствување и со алатките што му стојат на располагање.
Иако најмоќната алатка што ни стои на располагање, а тоа е гласачкото ливче, не ја искористивме доволно. Затоа денес не помагаат лелеците и нервозите за екстерното, родителите имаа избор да го избегнат тоа. Секако, тоа не е оправдување за срамните и апсурдни прашања кои деновиве се хит на социјалните мрежи. Ако случајно не се откажат од ваквиот шок-систем на екстерното оценување во режија на режимот, в година може да очекуваме да има прашања со ликови од турските серии. Па, ако може баба Рада, зошто да не и Карадај. Екстерното, за жал, поклопи еден „огромен успех“ на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, каде што тој на МВР и на Гордана им поклонува пет скутери. Ама сериозно, не како дел од некоја хумористична претстава. Пет скутери, бе!
Покрај стандардниот декор, режимот својата верификација дека сѐ продолжува на ист начин ја доби од интервјуто на премиерот Груевски, иако личи на интервју, а очигледно напишани се одговорите, а потоа од неиздуваниот балон МИА некој ги срочил прашањата.
Затоа нема ниту едно прашање за тоа како да се решат проблемите на граѓаните, туку Груевски се обидува да поклопи теми што ги отвори СДСМ, и тоа на нему својствен начин. Некои прашања дури и се лошо распоредени. Наместо одговори, има напади и девалвирање на СДСМ избегнувајќи ја суштината на наводно поставеното прашање. Затоа и статистички најчест збор што се појавува во интервјуто е СДСМ и навистина очигледна е душевната болка што овие четири букви ја создаваат кај премиерот.
За жал, новинарот (под услов навистина да имал некој интервју, во што јас лично не верувам) не успеал да го праша, на пример, премиерот чиј е гласот на снимката за продажбата на Македонска банка. Груевски знае дека потписот на „каса-прими“ признаницата не е на Гордана, ама сопствениот глас не го препознава и затоа ништо и не кажува. Знае и за таткото на донаторот дека е осуден и колку, ама заборавил за продажбата на Телеком и случајно некои исти актери. Премиерот, како магистер за привлекување странски инвестиции, можел и да објасни зошто странците кога купуваат некој објект или бизнис во Македонија, треба да платат и жирално и она… знаеш, но новинарот нѐ ускратил од тоа експертско објаснување.
И како и досега, за да може режимот да продолжи по своите патеки, судот експресно ќе ја затвори темата заштитувајќи го Груевски од клевета и навреда. Покрај тоа, по примерот на народната „ти кажувам ќерко, сети се снао“, му центрира на Зврлевски дека делото е постаро од десет години и со тоа за него, а тоа значи мора и за обвинителството, да биде застарена работа.
Нема прашања за последната средба со Нимиц, штрајкот и за отпуштањата во „Дрекслермаер“ не се тема, настаните во Ѓорче Петров исто така, а нема прашање ниту за сè погласните пораки од Брисел дека ваквото однесување на власта може да доведе до одземање на кандидатскиот статус на државата, на која Груевски веќе осма година е премиер.
Како Филе се приближуваше кон Тирана со одличната вест за нив дека добиваат кандидатски статус, така кај нас зачестија гласините дека однесувањето на власта ќе резултира со одземање на кандидатскиот статус. Притоа да нагласам дека тоа ќе биде казна за граѓаните на Македонија, а не и за владата на Груевски и Ахмети, а веројатно за некој ден и на Тачи, влада која мрази европски норми и вредности. Влада која е извршител на режимот.
Единствено, ќе се сложам со Груевски дека имал план, да, тоа е планот на режимот, бегање од решавањето на крупните проблемите на граѓаните, богатење на поединци врз грбот на нерешените проблеми, со постојано одржување надворешни (Грција) и внатрешни (СДСМ) непријатели.
Тој план, за жал, на Македонија, функционира и без да се чека новата влада. И да нема дилеми, режимот ниту е во паника, ниту мисли на политичкиот мртов парламент. Режимот, по стариот добро испробан обичај во периодот меѓу две влади, нѐ потсетува на кои столбови се темели, заробени медиуми и заробени умови. Случајно некој да не се опушти одговорот на премиерот дека проблемот со слободата на медиумите е надуван балон го потврдува Уставниот суд со срамното тврдење дека полицијата ги отстранила со влечкање новинарите за да ги заштити, веројатно мислеле заштита од гледањето како се тепаат пратеници од полицијата.
Свои потези во тој прилог имаа и МАН, кои наместо новинар за член на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги номинираа адвокат, а самата Агенција, додека уште тлееше атмосферата од изборите, изрече казна од 20.000 евра за Телма телевизија зошто не ја пуштила омилената фолк-песна на премиерот. А како награда на гладните гласачи, бидејќи изборните бонови на Тодоров не се мачкаат на леб, истите се потсетуваат дека можеби во нивната нива или баш во нивниот двор лежи Александар. Со иста шипка се врши проверка, и дали има нафта и дали реагира Александар.
Планот на режимот е познат, веќе виден, на потег е алтернативниот план. Тој треба да вреди!