Врчак запеа на свадба: Спасете ме другари!

by Fokus

По десеттина години откако се повлече од сцената, своевремено еден од најпопуларните рапери кај нас, Раде Врчаковски Врчак (43), повторно го зеде микрофонот и запеа во живо.
Песната „Спасете ме другари“ која пред 17 години ја сними заедно со Ламбе Алабаковски, сега повторно ја изведоа во живо, на свадба во Охрид кај нивни пријател.

Видео од настанот објави Алабаковски на својот профил и порача дека верува како Врчак се враќа на сцената во полн сјај.

– Моите молитви се остварија. Фала ти Боже вчера тоа ми се потврди. Верувам дека човекот се враќа во полн и поголем сјај. И да испишеме уште едно време и ера на македонската сцена и музика – напиша Ламбе.

Инаку, Врчак кој се повлече од јавниот живот во 2011 година, лани ја изненади јавноста со нов материјал. Тој ја објави песната „Да ме лижнеш“ како најава за новиот албум, снимен во Америка, и кој требало да биде промовиран во 2024 година. По објавата на новата песна за „Фокус“ кажа дека добил стотици пораки со поддршка.

Музичарот се појави на музичката сцена во 1999 година со песната „И повторно сам”, а потоа беше објавен и неговиот прв албум кој постигна голема популарност. Во тек на годините освои високи награди на „Макфест”, а беше и македонски евровизиски претставник во 2008 година заедно со Тамара Тодевска и Адријан Гаџа со песната „Во име на љубовта“, но не се пласираа во финале.

Неговото повлекување од сцената, но и од јавниот живот, во екот на популарноста, беа изненадување за јавноста, но раперот никогаш не ја образложи својата одлука да ја прекине кариерата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости