Музичарот Раде Врчаковски Врчак (42) по подолга пауза денес објави нова песна. Насловена е ,,Да ме лижнеш”, а како што тој пред неколку дена објави на својот социјален профил, таа е најава за неговиот нов албум, снимен во Америка, кој требало да биде промовиран во 2024 година.
Во видеото кое го објави, а кое трае околу два часа, тој појаснува дека во државата ни се случиле големи научни откритија, зборува за штетноста од јадењето на месо, за убивањето на животните за исхрана и слично. Познат како активист за благосостојбата на животните, тој и во минатото во многу наврати апелираше да се престане со конзумирање на месо. За себе раскажуваше дека речиси цел живот не јадел месо и бил здрав и агилен, и цел живот се немал напиено лекарства.
-Растителна храна имаме во изобилство, и не постои изговор да се држат во ропство животничињата. Дури и СЗО кажува дека јадењето месо шири смрт во човештвото – уште минатата година пишуваше Врчак на социјалните мрежи.
Тој се појави на музичката сцена во 1999 година со песната „И повторно сам”, а потоа беше објавен и неговиот прв албум кој постигна голема популарност. Во тек на годините освои високи награди на ,,Макфест”, а беше и македонски евровизиски претставник во 2008 година заедно со Тамара Тодевска и Адријан Гаџа со песната „Во име на љубовта“, но не се пласираа во финале.
Како еден од најслушаните рапери, изненади кога пред десеттина години се повлече од сцената, но и од јавноста. Лани на социјалните мрежи објави дека напишал книга на англиски јазик, која наскоро ќе била издадена. Исто така, уште тогаш откри дека снима албум во Америка.