Филмот „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски утревечер во 20:30 часот ќе биде премиерно прикажан на стриминг платформата HBO Go, на каналот Cinemax 2. „Врба“ ќе биде емитуван повеќе пати во 18 земји во текот на 2021 и 2022 година.
По светската премиера на филмскиот фестивал во Рим, каде доби петминутни овации од публиката, „Врба“ се прикажа на над 20 филмски фестивали на четири континенти, освои пет награди, меѓу кои Сребрена Палма на Мостра Де Валенсија во Шпанија и награда за најдобар режисер на фестивалот Рејнденс во Лондон, најголемиот фестивал на независен филм во Велика Британија и еден од најголемите во светот. „Врба“ ги сруши рекордите на гледаност во кино и телевизија во Македонија, беше македонски кандидат за Оскар, влезе во 40 најдобри филмови во Европа според ЕФА и доби ласкави критики секаде каде што играше.