Вратите на мојот хотел ,,Климетица” се отворени за Авганистанците, ние сме добри домаќини!

by fokus

Апсолутно немаме никакви предрасуди по било која основа, и за нас сите гости во хотелот се исти, без разлика на тоа од каде и зошто доаѓаат. Во ,,Климетица” располагаме со 40 соби, доколку ги исполнуваме условите и постигнеме заеднички договор со надлежните служби, луѓето од Авганистан се добредојдени, како и секои други гости кои престојувале овде – во телефонски разговор за ,,Фокус” вели хотелиерот Љупчо Цветаноски, сопственик на хотелите ,,Климетица” и ,,Маива” во населбата Свети Стефан, Охрид.

Раскажува дека зад себе има 30-годишно искуство во областа на хотелиерството и туризмот, и успешно менаџира, за што сведочеле бројните награди и пофалници.
Додава дека лани, кога започна пандемијата со корона вирус, тој бил помеѓу првите кој ги отстапил своите капацитети за гости од целиот свет, на кои им беше потребно карантинско сместување. Немал никаков проблем, и ниту едно од сместените лица во неговите хотели не се инфицирало со ковид.

-Бев првиот во Охрид кој минатата година прими лица за кои се бараше карантин. Работиме согласно според сите мерки за заштита, според владините протоколи, и ни дојдоа луѓе од многу земји. И тогаш, се најдов на мета, бев напаѓан од одредени групи на луѓе, но на крај се испостави дека мојата проценка била исправна. Понудивме помош кога беше најпотребна, со почитување на мерките се заврши целиот тој процес во најдобар ред.
Очекувам така да биде и сега, доколку се постигне договор и доколку кај нас, во ,,Климетица,, бидат сместени лицата од Авганистан. Другиот хотел, ,,Маива,, не може да биде ставен на располагање бидејќи веќе е закупен, но и капацитетот од 40 соби во ,,Климетица” верувам дека ќе биде од помош. Ќе се почитуваат сите здравствени протоколи, како што впрочем тоа се прави и сега, со останатите гости – појаснува Цветаноски.

Раскажува дека хуманоста, но и професионалноста секогаш биле водилки во неговата работа. Се сеќава дека кога лани ги отворил вратите за карантинско сместување, на почеток бил критикуван, но потоа и многу други хотелиери го следеле неговиот пример.

-Кога се работи според правила, професионално, нема потреба од грижа. Тоа сме го докажале многу пати во минатото. Оние кои сега јавно ме критикуваат по повод овој мој став, дека би ги примил Авганистанците, би ги прашал, од каде знаат кои се гостите, односно туристите кои редовно доаѓаат во нашата земја, дали за секој еден тие имаат информации кои се, што се, имаат ли криминално досие и слично. Штом им се дозволил влез во земјава, значи тоа се луѓе, наши гости, кои заслужуваат гостопримство и третман на ниво. Нема место за предрасуди, гостинот си е гостин, сеедно дали е од Македонија или од Авганистан, а ние сме секогаш добри домаќини – вели хотелиерот.

Според премиерот Зоран Заев, се уште не се знае колку точно евакуирани бегалци од Авганистан ќе пристигнат и ќе бидат згрижени во земјава. Вели дека бројките постојано се менувале, а најпрвин ќе пристигнеле миротворци, активисти за човекови права, новинари, преведувачи, жени, деца и асистенти на нашата Армија кои за 19 години опслужиле 3.500 македонски војници.

Како што информираше Владата, тие ќе бидат сместени во хотели, а трошоците ќе ги покријат меѓународните институции.

Вики Клинчарова

Поврзани новости