Поглаварот на ПОА, Јован Вранишковски, се уште е во затворот „Идризово“, но се очекува најдоцна до полноќ да излезе на слобода.
„Вранишковски се уште е во затвор, бидејќи чекаме правосилност на решението, изјави за „Фокус“, Живко Пејковски, директорот на затворот „Идризово“.
Одлуката за условен отпуст на Вранишковски ја донесе Кривичниот суд, на 9 овој месец, а денеска изминува рокот од осум дена за жалба на обвинителството. Сепак очигледно е дека обвинителството нема да ја обжали ваквата одлука, бидејќи веќе се изјаснија дека се исполнети законските услови за условен отпуст. По истекот на овој рок, решението на Кривичниот суд ќе стане правосилно.
„Имајќи во предвид дека осудениот издржал повеќе од половина од затворската казна на која е правосилно осуден, а штетата која била причинета со дејството на Јован Вранишковски за која е правосилно осуден е надоместена , Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција смета дека се исполнети законските услови спрема осудениот Јован Вранишковски да се примени институтот Условен отпуст“, информираа пред неколку дена од Обвинителството.
Вранишковски беше осуден на затворска казна од пет години и пет месеци, а досега издржа 36 месеци.