Враќање на смртната казна во Русија?

by Фокус

Русија би можела да ја врати смртната казна, изјави шефот на Уставниот суд на земјата.

Станува збор за можно укинување на мораториумот на смртната казна воведен во Русија во 1997 година по влегувањето на земјата во Советот на Европа.

Во книгата објавена на официјалната веб-страница на рускиот Уставен суд, Валериј Зоркин, предлага земјата да се врати на доктрината на националниот идентитет и дека уставната контрола значи дека Москва треба да донесе свои закони, a да не го презема влијанието на другите земји во Европа.

Според мислењето на Зоркин, воведувањето мораториум на смртната казна било отстапка од вредностите, што не е својствено за Русија.

„Фактот што Уставниот суд донесе одлука со која е невозможно да се изврши смртна казна во Русија, во оваа историска фаза од нејзиниот развој не ја исклучува можноста за враќање на ваквата форма на казнување“, вели Зоркин.

Русија има неограничен мораториум на примената на смртната казна, што беше предуслов за влез во Советот на Европа. Сепак, смртната казна не е формално укината. Со одлука на Уставниот суд, тоа може да се промени.

Поврзани новости