По три месеци без плата и здравствено осигурување, вработените во СЈО во текот на вчерашниот ден конечно биле исплатени, потврдуваат од СЈО за „Фокус“. На нивните сметки легнале платите за септември и октомври.
Платите беа блокирани бидејќи никој друг освен екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева немаше овластување да ги потпише. Но, по неколкумесечната блокада, платата на стручните соработници и техничкиот персонал била исплатена преку УЈП.
На истиот начин плата земале и вработените во Државниот завод за ревизија, кој беа оставени без директор.
Засега е нејасно дали и долговите на СЈО за струја, кирија, парно, телефон… ќе се исплатат преку УЈП.
СЈО има буџет, но трансакциите запреа по разрешувањето на Јанева, која е обвинета во случајот „Рекет“.
Платата пак непречено им тече на обвинителите кои беа дел од тимот на Јанева, бидејќи тие се вратија под капата на редовното обвинителство.
Валентина Вурмо