Вработените во Секјуриком од почетокот на месецов немаат здравствено осигурување, бидејќи од компанијата им исплатиле само еден дел од платата за април, дознава Фокус. Од фирмата ветиле дека останатиот дел од платата ќе го дадат „коа ќе дошле до пари“, но во меѓувреме, тие остануваат загрижени за осигурувањето.
Веќе 7 дена, луѓето кои работат во зградите на државните институции преку Секјуриком не можат да направат прегледи, да купат лекови, ниту пак да овозможат здравство на своите деца кои се лекуваат преку осигурувањето на своите родители.
Фокус испрати прашања до Секјуриком, на кои до објавување на текстот одговор не добивме.
И додека дел од вработените молчат поради како што велат изворите на Фокус, закани дека ќе има бркање од работа доколку се зборува за доцнењето и сите проблеми во фирмата, останатите велат дека повеќе не можат да молчат поради тоа што не можат да преживуваат со само половина плата.
Според нашите информации, доколку продолжи доцнењето, со кое автоматски вработените немаат здравствено осигурување, не е исклучен ниту протест.
Од Службата за општи и заеднички прашања претходно за Фокус изјавија дека не е нивна надлежност да проверуваат како Секјуриком ги троши финансиите кои тие ги префрлаат на сметка на фирмата, за вработените да добиваат плати.
Од таму не одговорија конкретно ниту на прашањето дали ќе ги вратат оние вработени кои од СОЗР преминале во Секјуриком, не по своја волја, туку единствено рекоа дека се залагаат за тоа ниту еден вработен да не остане на улица.
Инаку фирмата е осомничена во случај на финансовата полиција, за кој екс директорот на СОЗР, Васе Доневски е во притвор, а сопственикот на Секјуриком, Волфганг Гампер остана без пасош.
Името на Секјуриком одекна и во судница за случајот на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“. Според обвинението, оваа австриска компанија и фирмата Трансмет ја плаќале опремата и рекламниот материјал за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ.
Александар Тодески