Вработените во Пошта бараат средба со премиерот: Има проблем кај 100.000 корисници за исплата на пензија и социјална помош

by fokus

Синдикатот на Пошта на Северна Македонија изразува загриженост од состојбата во работењето на комапнијата, особено по прекинот на работењето на платниот промет во 330 поштенски единици, и бара итна средба со премиерот за изнаоѓање решение.

Претседателот на синдикатот на Пошта на Северна Македонија, Боро Велигденов, денеска на прес-конференција пред Владата ги наведе состојбите во претпријатието по почетокот на коронакризата која го намали внатрешниот и меѓународниот сообраќај, како и влијанието врз работењето со пропаѓањето на Еуростандард банката и прекинот на платниот промет во единиците на поштата.

„Стечајот на Еуростандард банка сериозно го наруши работењето на Македонска пошта. Генерира на дневна основа сериозни загуби на финансиското работење со оневозможување на услугата во платниот промет во над 330 – те поштенски единици на територијата на целата држава. Дополнитело, и прекинот на услугите во меѓународниот сообраќај и намалувањето на приходите во внатрешниот пазар изминатите шест месеци како последица од коронавирусот кај нас од 2300 вработени влева сериозна загриженост и страв за иднината на компанијата, редовна исплата на плати и зачувување на своите работни места“, изјави Велигденов.

Оцени дека неработењето на 330-те единици на пошта и статус кво состојбата со неработењето на платиот промет претставува директна закана за егзистенцијата на вработените, но и тоа дека неработењето на поштенските филијали има влијание и врз граѓаните кои ги користат услугите.

„Има огромен проблем кај над 100 илјади корисници кои ја користат пошта за исплата на пензија и социјална помош“, рече Велигденов.

Тој побара итна средба со премиерот, најдоцна до истекот на наредната недела, за изноаѓање решение и овозможување платен промет во филијалите на Пошта.

Како што рече, има одредени преговори со некоја банка за договор за платен промет преку поштенските филијали, но немаат конкретни информации.

Поврзани новости