Вработените во Министерството за финансии на генерален штрајк за поголеми плати

by Fokus

Како Синдикат на вработените во Министерството за финансии изразуваме големо жалење во врска со последните случувања со зголемувањето на нашите плати, истакнуваат од Синдикатот на вработени во Министерството за финансии.

Пред извесен временски период, како што појаснуваат, се донесе Закон за буџети со политички консензус од сите пратенички групи, со кој се предвидува зголемување на платите на сите вработени во Министерството за 30%.

„Министерот за финансии, Фатмир Бесими тврди дека тоа покачување се однесува само за определен сектор – Секторот за буџети, а не за сите вработени. Во таа насока на денешната седница на Законодавно-правната комисија, владата сака да прошверцува автентично толкување на одредбата од чл.66 од Законот, со кој што сака да го ограничи правото на покачување само на дел од вработените.

Ова е огромен скандал каде што зад очите на јавноста, без консултации со вработените и синдикатите сакаат да го скратат она покачување што законски ни следува на сите вработени во Министерството“, оценуваат од таму.

Одредбата од чл.66 во Законот, како што додаваат, е јасна, таа предвидува зголемување на платите на сите вработени во Министерството.

„Доколку не се зголемат платите на сите вработени во Министерството како што предвидува Законот, ние како вработени ќе пристапиме кон масовни штрајкови“, се потенцира во пишаната информација од страна на Синдикатот на вработените во Министерството за финансии.

Поврзани новости