Вработените во МИА протестираа, бараат поголеми плати

by Fokus

Вработените во Мeдиумската информативна агенција – МИА денеска излегоа на предупредувачки протест со барање за зголемување на платите. Oттаму велат дека четири години нема нивелирање на платите.

Со финансискиот план за работа на МИА за 2023 има предвидено средства за покачувања на платите, а вработените велат дека со месеци чекаат тоа да биде ставено на дневен ред на седница на Влада.

„Прв пат од 25 години постоење на МИА, вработените се принудени преку протест да бараат остварување на нивните права. Денешниот предупредувачки протест е поради игнорантскиот однос на Владата кон барањата за зголемување на платите согласно колективниот договор и усогласување со трошоците на живот. МИА повеќе месеци чека барањето за зголемување на палтите да биде ставено на дневен ред на седница на Влада. Зголемувањето на платите во МИА е предвидено со финансискиот план за 2023 година, односно за тоа не се потребни дополнителни средства од буџетот. Основен предуслов за слободно и професионално новинарство е стабилна социоекономска состојба на новинарите и медиумските работници“, изјави на денешниот протест Марина Илиевска, вработена во МИА и член на Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Поради потпросечните плати и поради неодобрувања на вработувања, МИА се соочува со одлив на кадар, рекоа  вработените на денешниот протест. Тие велат дека се соочуваат со повеќе горливи пршања, но приоритетни се платите. Се надеваат дека ќе се надмине ситуацијата во полза на вработените и дека нема да има потреба од порадикални чекори.

Од ССНМ, кои го поддржаат денешниот протест, посочија дека потребено е да се донесе Закон за МИА, со што ќе се раскине „врската“ за финансирање на релација Влада-медиум.

фото: МИА

 

Поврзани новости