Вработените во култура со зголемени плати од април

by fokus

Почнувајќи од минатиот месец, 2.899 вработени во културата ќе имаат зголемување на платите, соопшти вечерва владината прес-служба по одржувањето на 135 седница на Владата на Република Северна Македонија која ја усвои информацијата за нивелација на платите на вработените во институциите од областа на културата по дејности.

-Со нивелацијата на платите се опфатени сите вработени во културата, односно вработените и во националните установи и вработените во локалните установи од областа на културата. На седницата констатирано е дека Министерството за култура е во фаза на подготовка на нов Закон за јавниот интерес во културата, кој ќе биде усогласен со новите измени на законите од областа на јавната администрација, односно со Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, и по неговото усвојување ќе се создадат услови за ново усогласување на платите во културата, појаснуваат од прес-службата.

Владата денеска ја усвоила информацијата во врска со евалуацијата на понудите за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од 22 мали хидроелектрични централи. Донела одлуки на 18 баратели да им бидат одобрени концесии, а три понуди да бидат одбиени заради тоа што барале одобрување на концесии во заштитено подрачје, и една да биде одбиена заради некомплетна документација.

На оваа седница, Владата ја усвоила информацијата за реализација на активностите за имплементирање на дел од мерките за намалување на мајчина и новороденечка смртност за 2018 година. Како резултат на преземените мерки на Клиниката за гинекологија и акушерство, во Клиничкиот центар во Скопје, информираат дека во 2018 година има пад на новороденeчката смртност за 30 проценти во однос на претходната.

Поврзани новости