Вработените во јавните обвинителства денеска стапија во штрајк и бараат зголемување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата во висина од 35 отсто.
„За време на одржување на штрајкот вработените во јавните обвинителства нема да работат ниту ќе бидат на своите работни места. Штрајкот ќе се спроведува во салите за состаноци на обвинителствата, холовите, заедничките простории или пред зградите на Јавните обвинителства“, истакна Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.
Штрајкот, кој започнува денеска, Деаноски вели дека ќе се одвива во сите 28 јавни обвинителства на територијата на државата и ќе трае се до исполнување на барањата. За време на штрајкот ќе се извршуваат единствено итните и неодложни работи, односно согласно законските прописи штрајкувачите ќе работат предмети во кој има само притвор, претрес или неодложни жалби, додава Деаноски.
„Штрајкот е најавен навремено и согласно законските прописи. Нема да дозволиме никакви притисоци врз вработените тие да извршуваат други работни задачи освен оние кои се итни и неодложни. За почетокот на штрајкот е информиран и министерот за правда кој не најде време да не прими и да ги слушне нашите барања“, вели Деаноски.
Фото: 360 степени