Вработените во Еурокомпозит си ги бараат платите, директорот вели има огромна дупка од неодговорно работење

by fokus

Вработените во прилепски „Еурокомпозит“ денеска протестираа од 12 до 14 часот и го блокираа магистралниот пат Прилеп-Градско. Тие бараат исплата на две бруто плати за да продолжат да работат и не го прифаќаат предологот од вицепремиерот Кочо Анѓушев да добијат една бруто плата и во рок од шест месеци да биде решен нивниот проблем.

-Ние баравме две плати или една просечна плата да ни се исплати за да почнеме да работиме и во најкраток можен рок да се решаваат другите проблеми. Немаме ни огрев, ни вода, немаме ни плати ни придонеси а од денеска немаме ни здравствено осигурување. Шест месеци за нас е предолг период за да се решава статусот на фирмата. Ние продолжуваме секојдневно со штрајкови се до конечно решавање на нејзиниот статус, изјави претседателот на синдикалната организација Роберт Богданоски најавувајќи за следната недела со протести пред Владата.

Директорот на Еурокомпозит, Александар Кузески пак, во изјава за Фокус вели дека цехот за неодговорното работење со години го плаќаме сега.

-Со години се работело недомаќински, а компанијата била одржувана вештачки. Ние сега имаме избор меѓу тоа да продолжиме да ја одржуваме вештачки или да најдеме долгорочно решение. Најдобро решение е компанијата да се продаде на странски инвеститор. Веќе има доста заинтересирани странски компании. Станува збор за компании со сигурен пазар. Имаме и друг проблем, а тоа е што работниците имаат стекнати навики од минатото, а дисциплината во компанијата е испуштена. Работниците очекуваат дека и ако работеле и ако не работеле, дека ќе земат плата, вели директорот Кузески.

Еурокомпозит е последниот државен загубар кој е останат во стопроцентна сопственост на државата. Компанијата сега има долг од речиси пет милиони евра, од кои 80 отсто се кон вработените и кон државните институции. Од јуни 2012 година на вработените не им плаќани придонесите, а државата им должи и 16 плати.

К.С.

Поврзани новости