Вработените од „Охис“ разочарани: За функционерите има пари за бонбони и сладоледи, а нас не можат да ни ги исплатат платите!

by fokus

Речиси година дена вработени во фабриката „Охис“ протестираат во Скопје, незадоволни од третманот врз нив, откако во 2013 година фабриката замина под стечај.

Тие бараат 24 плати, а како што порачаа, доколку тоа не се случи, ќе постават кампови пред Влада се додека не се исполнат нивните барања.

„Ние овде протестираме скоро година дена и ги бараме своите плати. Имаме секакви документи со нас, но до сега немаме никаков одговор. Секогаш не праќаат по различни институции, а тие креваат раменици и не враќаат пред Владата. Оттаму пак викаат дека со новиот закон, стечајот бил друг – да бил пред седум години ќе сме ги добиеле платите, а сега со новиот закон, прво право имаат банките доверители, а за нас вработените ако останат пари да ни дадат. Премиерот Заев ни рече дека Владата нема пари, не можат да не обештетат. Ако не се најде решение за нашиот проблем, ќе бараме помош од странските амбасади. Немаме ни социјално осигурување, многу од вработените починаа од стрес, децата ни избегаа во Германија. Ние од 2012 година живееме на просјачки стап. И минатата влада и оваа не најдоа решение за нашиот проблем“, вели Здраво Воневски, еден од присутните на протестот.

Разочарување од односот на институциите кон овие луѓе е очигледно и кај останатите вработени во „Охис“, за многумина од нив, единствен извор на егзистенција во животот.

„Нас не фрлаат како пинг-понг топче, натаму-наваму. Владата не праќа кај стечаен судија, тој не враќа во Владата. Ги молиме, 24 плати што ни останаа да ни ги дадат. Секаде сме со долгови, тешка ни е егзистенцијата. За нас, што сме работеле со хемикалии, отров, нема пари, а за функционерите има пари за бонбони и сладоледи“, коментираат вработените.

Ј.Ц.

Поврзани новости