Вработениот од Кардиологија за Фокус: Никој свесно не сум заразил, температура имав дури во средата и оттогаш не одам на работа

by Fokus

Вработениот на Клиниката за кардиологија, за кој денеска беше објавено дека е позитивен на опасниот корона вирус доаѓал редовно на работа до средата каде имале протокол за мерење температура на влезот на клиниката.

Тој за „Фокус“ раскажа дека дури во средата му била измерена температура од 38 Целзиусови степени и веднаш бил пратен на дополнителни испитувања, меѓу кои и тестот за корона вирус што го добил позитивен утредента. Неговиот идентитет и е познат на редакцијата, но тој одлучи да не зборува со име и презиме.

– Никој свесно не сум загрозил. Не сум луд да го загрозам семејството, сопругата, дете, мајка.. Веројатно инкубацијата била од претходно. Во моментов сум изолиран целосно на 14 дена, а потоа ми е најавено ново тестирање, раскажува за „Фокус“.

Тој тврди дека ниту тој, ниту некој од неговото потесно семејство патувал во странство, воопшто и не знаел дека е носител на корона вирусот се додека не се појавила темературата на мерачот.

На работа носеле заштитни маски и ракавици, но вели дека никој не може да биде секогаш сигурен дека е заштитен.

Со оглед на неговата состојба, тој само ни објасни дека добил насоки да седи дома, а доколку се влоши состојбата да викне Итна помош со која ќе биде пренесен на Инфективната клиника.

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска потврди дека вработен на Клиниката за кардиологија пројавил симптоми на коронавирус. Според него вработениот немал комуникација со лицата кои се хоспитализирани на клиниката, туку работел во делот каде пациенти доаѓале за интервенција на срцето.

-Имавме случај на Клиниката за кардиологија. Еден од членовите на резервниот тим практично на работа пројавил симптоми. Ова е случка во делот на ангио салата, каде нема лежечки капацитети, туку дел каде пациенти доаѓаат само за интервенција на срцето, рече Филипче.

Тој е дециден дека ќе има санкции ако некој свесно доаѓал на работа, иако имал симптоми на коронавирус.

С.Т.

Поврзани новости