Единаесет лица вработени во Министерството за внатрешни работи кои го обезбедувале поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков биле исплаќани од „Спец касата“ на Управата за безбедност и контраразузнавање за којашто се води судски процес.
Ова го откри еден од сведоците на Обвинителството, Весна Николовска, вработена во МВР од март 2007 до 2011 година на работно место Началник на одделение за внатрешна контрола во МВР, пренесува невладината „Зелена лупа“.
Според нејзиното сведочење, по барање на Министерот за внатрешни работи до Одделението за внатрешна контрола пристигнал извештај сочинет од Комисијата на УБК, и им било кажано да се проверат сите наведени наводи од средствата на “Спец касата” на УБК, во која самата комисија утврдила неправилно користење.
Во самиот извештај кој им бил доставен содржел индиции за сторено кривично дело и била одземена целосната документација од УБК за да во истата се направи увид и вештачење од страна на внатрешната контрола на МВР и биле одземени два компјутери за нивно вештачење.
По извршениот увид и вештачење, внатрешната контрола утврдила дека не се пронајдени главната книга за прегледи и извештаи а за кои се должни истите да бидат сочувани во копии.
Се обратиле во Одделот за финансии на МВР.
Било утврдено дека во периодот од 01.01.2007 се до 01.07.2017 година по основ на признаница биле подигнати од “Спец касата” на УБК вкупно 50.670.000 денари од страна на четири лица, Петре Пешовски, Тони Јакимовски, Кристина Јосифовска и Стево Маџовски.
Сведокот изјави дека не пронашле доказ дали тие пари се внесени во “Спец касата” бидејќи не постои главната книга. Одделот постапил по сите барања наведени во извештајот од Комисијата и било утврдено дека во периодот од 2009 до 2015 година од “Спец касата” на УБК имало исплати по основ на
обезбедување на 11 лица кои вршеле физичко обезбедување на Мијалков, иако тие биле во редовен работен однос во МВР и земале плата.
Внатрешната контрола не пронашла никаков законски акт со кои би се оправдала исплатата на овие 11 лица.
На разговор биле повикани и 3 лица кои потврдиле дека Тони Јакимовски ги повикал и им дал насоки документацијата од главната книга да се префрли во компјутерска евиденција.
На одредени регистрирани акции за кои се влечеле пари од “Спец касата” на УБК, по извршените разговори со лицата се утврдило дека такви акции воопшто не биле изведени.
Се извршил разговор и со раководител на единицата за антитероризам за кој од касата биле исплатени исплатени 171.000 денари, а истиот потврдил дека нивните службени работи ги вршеле со свои средства, и единствено побарување од нивна страна било сума во висина од 5-6 илјади денари.
Сведокот појасни дека додека трае акцијата за која се врши побарување на средствата од таа каса за посебни потреби, инспекторот кој раководи со таа акција може да поднесе барање за исплата на средства, но не и по завршувањето на акцијата. Спротивно на упатството за работење на посебната каса на УБК, во две акции не било наведено за што се подигнати тие пари.
За времени признаници се вршело исплата, но истите средства требале да се вратат во касата во рок од 15 дена.По изминати 2-3 години тие средства сеуште не биле вратени во “Спец касата” на УБК.
По вештачењето се утврдила и совпаднала истата сума од 50.670.000 денари која веќе била утврдена во извештајот на Комисијата.
Наведениот износ бил подигнат од претходно наведените 4 лица, но не пронашле доказ дали тој износ е исплатен за потребите на УБК.
Вториот сведок кој пристапи кон судот беше Урош Џуковски, вработен во МВР.Тој во периодот од 11.09.2017 до 31.08.2019 година бил на работно место, главен оперативен работник за средствата за посебна намена во Кабинетот на УБК.
Сведокот појасни за начинот на кој се врши исплатата од “Спец касата” за кој само главниот оперативен работник има пристап и право на исплата на одобрените побарувања кои биле овластени од директорот на УБК.
Исплатата се вршела по основ на предлог кој треба да биде во 2 примерока, налог за исплата кој треба да биде потпишан од директорот на УБК, признаница за исплата, фискални сметки, сметко потврди, со кои би се оправдал исплатениот износ.
Предлогот се заведувал во деловодна и акциска книга и се чувале во архивски кутии.
Додека бил на тоа работно место, сведокот потврди дека од 2017 до 2019 година воопшто не биле користени средства од “Спец касата”.
Според обвинението тие во периодот од 2007 до 2017 година во 172 наврати од “СПЕЦ КАСАТА”, каса за исплата на средства за посебни намени на УБК, од одделот за финансии на МВР, подигнале парични средства за кои поднесување барања и признаници за износите.
Обвинетите без одобрение од тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков и без формирање на Комисија за ништење на материјална документација и без записници, тие ја уништиле документацијата за исплата и потрошените средства а со тоа нанеле штета на Буџетот во висина над 820.000 евра.
Поранешниот вработен во УБК, Петре Пешовски ја призна вината и му беше изречена затворска казна од 3 години и треба да ја надомести штетата во висина од 39.470.000 денари. На истиот му е продолжен притворот се до правосилноста на пресудата.