Заменик генералниот директор на ЈП „Македонски шуми“ при посетата на селото Селце рече дека во текот на денот ќе се стави под контрола пожарот на планината Серта во штипскиот дел, но дека за овој пожар е лошо што во моментов има ветер.
-Нашите луѓе од „Македонски шуми“ и покрај тоа што се без здравствено осигурување, се трудиме да го надминеме тој проблем од причина што ние сме како ново раководство десетина дена таму, а се соочивме со невидена дупка, буквално луѓето ни беа оставени на влечки да гасат. Тоа е реалноста со која се соочивме. Но лека полека ја надминуваме, рече Михаилов.
На прашањето како луѓето од ЈП „Македонски шуми“ се оставени без заштитни униформи и буквално како што рече тој гасат по влечки, Михаилов вели дека изминатите години ништо не е инвестирано.
– Значи тоа што го имаме нели сега условно кажано по влечки, е земено поодамна во периодот неколку години наназад, нема некои посебни инвестиции во делот на заштитата, во делот на опрема на луѓето и тоа е навистина нешто коешто е проблем. Еве конкретно се соочуваме со еден огромен проблем којшто ја тишти Македонија десетина дена, а за жал нашиве луѓе се на првиот бран од оваа приказна такви какви што се, вели Михаилов.
Јавното претпријатие има околу 2.000 вработени и 84 возила специјализирани за гаснење на шумски пожари. Но, поради кризата во претпријатието кое ги доцни платите на вработените, возилата немаат гориво за да излезат на помош во гасењето на пожарите.
Директорот Михаилов дека како ЈП „Македонски шуми“ во наредниот период мора да работат на пошумување на планината Серта, но и на другите планини во земјава, каде има пожари.
-За жал, ние ќе мора во наредниот период брзо да делуваме, со одредени механизми, со одредени проекти во делот на повторно пошумување, во делот на повторно подигање на зелената маса овде со дрвни видови кои се автохтони, за да може што побрзо да тргнат и едноставно да го вратиме зелениот сјај што го имаше оваа прекрасна планина, рече Михаилов.