Вработените во Македонска филхармонија во изминатиот период се соочуваат со низа проблеми во реализирање на своите работни обврски, поради проблематичното однесување и постапки на в.д. директорот Даниел Лазаровски, соопштија од СО Македонска филхармонија при СКРМ.
„Откако беше назначен на оваа позиција наместо да работи на креирање услови за работа, Лазаровски со своите постапки ги урива темелите на кои е изградена институцијата, наместо да ги мотивира, тој ги деградира вработените, наместо да ги зацврстува меѓучовечките односи во институцијата, тој работи на нивно растурање.
Вработените во оваа институција постојано се изложени на закани и мобинг од страна на в.д. директорот, а ситуацијата кулминираше минатата недела на состанокот на Синдикатот на Филхармонија. Директорот буквално упадна на состанокот и покрај укажувањата од страна на претседателот на синдикатот дека не смее да присуствува доколку не е поканет, тој одби да си замине.
Во член 16 од Статутот на СКРМ е предвидено дека „членството може да мирува ако членот се стекне со функциіа која може да биде во судир со интересите на СКРМ“.
Имајќи ја предвид оваа одредба од законот, како и фактот дека на 12 септември 2023 година Лазаровски беше назначен за в.д директор на Филармонија, неговото членство во синдикалната организација на Филхармонија беше ставено во мирување. Исто така врз основа на член 195 од Законот за работни односи, работодавачот не смее да има надзор врз основањето и дејствувањето на синдикатите,
Со своето присуство на состанокот, в.д. директорот на Филхармонија ги прекрши одредбите од законот, направи упад и повреда на правата на вработените за слободно и самостојно синдикално здружување и дејствување, како и обид за вршење притисок во слободното изразување на членовите на синдикатот, право кое им припаѓа на вработените врз основа на Устав, закон и колективниот договор.
За упадот на в.д. директорот Даниел Лазаровски на состанокот на синдикатот на Филхармонија и непочитувањето на правата на вработените, соодветно ќе бидат информирани сите надлежни институции, а исто така ќе бидат поднесени и соодветии пријави.
Вработените во Македонска филхармонија нема да дозволат да бидат изложени на закани и мобинг, ниту пак ќе го толерираат незаконското работење на в.д. директорот со кое се урива угледот и реномето на најстарата институција од културата во земјата“, стои во соопштението.