Вработени во Кривичен сведочеа во суд: Предмети со „звучни“ имиња Панчевски ги делеше рачно

by Frosina Fakova

Две вработени во Кривичниот суд и двајца информатичари денеска сведочеа во велешкиот суд каде се води судскиот процес против поранешниот претседател на Кривичен, Владимир Панчевски за делење предмети на подобни судии.

Како што јави Телма, сведоците кажале дека АКМИС системот, систем за електронска распределба на предметите бил далеку од совршен, но и дека имало пракса и покрај АКМИС системот, предметите со „звучни“ имиња да се делат рачно.
Панчевски интервенирал и ги делел предметите на судии кога АКМИС системот ќе пренатрупал некој судија со многу предмети. Шефицата на писарницата сведочела дека во 2016 година таа лично му ги однела предметите од СЈО во канцеларија на Панчевски и тој им ги доделил на судијките Лидија Петровска и Татјана Михајлова, без никаков параф или решение.

Инаку скопска Апелација го отфрли барањето на поранешниот претседател на Кривичниот суд Скопје, за изземање на Велешкиот суд и префрлување на предметот во Скопје. Според Апелацискиот суд, Судот во Велес е надлежен да му суди на Панчевски.

Владимир Панчевски е обвинет дека додека бил претседател на Кривичниот суд Скопје, направил злоупотреба со распределбата на предмети на судии. Тој е во притвор од 15 јули, кога сам се пријави во истражниот затвор Шутка, откако претходно три дена не беше достапен. Судењето продолжува идниот вторник.

Поврзани новости