Вработени во Државниот архив со писмо до Заев бараат враќање во старата зграда: Без документација, нема нација!

by fokus

Вработени од Државен архив и од Институт за национална историја, потпишаа петиција за враќање на Државниот архив во неговата матична и стара наменска зграда.

Петицијата ја испратија до претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев. Петицијата е потпишаната од вработени во Државниот архив  (Централно одделение и Одделение Скопје) како и од вработени во Институтот за национална историја.

Покрај петицијата со потписите, од Државен архив упатија и писмо до Премиерот, во кое го образложуваат детално своето барање. Ви го пренесуваме во целост:

,,Државниот архив на Република Македонија беше една од ретките институции која беше сместена во наменска зграда, изградена по сите светски стандарди за архивската дејност. Поради своето стратешко значење, Архивот беше сместен во зоната на интелектуалното јадро во Скопје (МАНУ, Универзитет “Свети Кирил и Методиј“, Универзитетска библиотека, Институт за национална историја, Институт за македонски јазик, Институт за старословенски јазик). Околу зградата на Архивот постоеше безбедносна зона, внатрешно и надворешно обезбедување, паркинг и пристап за товарни возила. Ваквата поставеност и третман на Државниот архив обезбедуваше соодветна грижа за документарното историско наследство што како општество сме должни да го сочуваме за следните поколенија. Но за жал, поради непромислена бирократска одлука, Државниот архив беше доведен до состојба да не може да ја извршува својата основна дејност. Имено, во рамките на проектот „Скопје 2014“ беа изградени повеќе административни објекти во кои беа сместени државни органи и јавни институции кои немаа административен простор. За разлика од нивна Државниот архив на Република Македонија му беше одземена наменската зграда, со одлука на претходната Влада на РМ, бр. 41-874/1 од 21-02-2012 година, објавена во Службен весник на Република  Македонија бр. 32/2012, и Архивот беше префрлен во зградата на Археолошкиот музеј на Македонија (6 и 7  спрат). Во дел од стариот објект остана да функционира Институтот за национална историја, додека просториите на Државниот архив на Република Македонија му беа доделени на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Веќе 4 години познатата зграда на Државниот архив на Република Македонија, која изминативе 65 години удостои врвни научници, академици, професори, претседатели на држави, министри, директори на многу странски архиви и најважно од се, граѓани корисници на архивскиот материјал, стои празна и разрушена, а Архивот едвај успева да функционира во потполно несоодветен простор за неговата дејност.

 КРАТОК ИСТОРИЈАТ

 Државниот архив на Република Македонија е формиран во 1951 година и функционира како самостоен орган на државна управа со централен дел и 9 подрачни одделенија кои во целост ја покриваат територијата на Република Македонија во поглед на архивското работење. Во 1969 година тој добива наменска зграда со специјализирано депо. Во тоа време Државниот архив на Република Македонија функционира во најсовремен објект од ваков вид во регионот и е посочуван како пример за институција која ги применува сите светски стандарди за архивско работење. Во Државниот архив на Република Македонија се чува архивскиот материјал создаден од највисоките државни органи и јавни институции (Претседател на РМ, Собрание, Влада, министерства, државни комисии, државни агенции, општини, јавни образовни институции и др.), се чуваат фондови од сите општествени дејности (стопанство, образование, култура, спорт), како и огромна колекција лични фондови од познати јавни личности од доменот на политиката, науката, културата, уметноста, спортот и др. Во депото на централното одделение на Државниот архив се чуваат 1.387 фондови, 10.717 архивски книги и 28 збирки на документи 35.555 архивски кутии, 23.000 класери. Според последните податоци во Архивот се чуваат над 70.000.000 документи или околу 5 км должински траен архивски материјал. Во Државниот архив се чуваат и материјали од истражувања во странските архиви, претежно дипломатски документи, кои го покриваат големиот недостаток на оригинални документи до 1944 година, или 12.500 микрофилмови и 5.050 микрофиши со вкупно 7.500.000 снимки. Најстариот документ што се чува во Државниот архив потекнува од 12-тиот век. Во депоата на деветте подрачни одделенија на Државниот архив се чуваат 13 км должински од општините и јавните институции кои се во надлежност на локалната самоуправа.

СЕГАШНА СОСТОЈБА НА ДРЖАВНИОТ АРХИВ

 Новите простории се во целосна спротивност на светските стандарди за архивско работење. Од 2014 година, кога Државниот архив на Република Македонија беше преселен во новиот објект на Археолошкиот музеј, нашата институција работи во супстандардни услови, како за вработените, така и за архивскиот материјал и за корисниците на истиот, со што целосно се маргинализира основната функција на Архивот – да биде сервис на граѓаните на Република Македонија.

Државниот архив треба да биде вратен во својата наменска зграда од следните причини:

   Несоодветни услови за користење на архивскиот материјал

Основната функција на чувањето на архивскиот материјал е тој да послужи како поткрепа на работењето на јавната администрација (подготовка на стручни мислења за потребите на Собранието и на Владата на РМ, како и на сите државни органи и јавни институции), но и за историски истражувања, за проучување на генеалошки стебла и сл. Исто така, архивскиот материјал е извор за научни истражувања од сите области и за остварување на граѓанските права (денационализација, имотно-правни односи, работен стаж и сл.). Во актуелниот простор, корисниците мора да чекаат повеќе денови за да ги користат побараните фондови, кои сеуште се сместени во старото депо, а самата читална преставува еден мал недоволно осветлен и непрегледен простор во кој речиси и не доаѓаат истражувачи поради несоодветните услови за користење на документите.

За илустрација, во старата читална на Државниот архив на Република Македонија секоја година се регистрираа над 2000 посети на корисници на архивски материјал. Со доаѓањето во новите простории бројот драстично падна на 200 корисници и секоја година се намалува, па така оваа година во полугодишниот извештај се регистрирани едвај 50 корисници на овој значаен граѓански сервис.

Наспроти тоа, во старата зграда читалната се наоѓаше во административниот дел на зградата близу до зградата на депото и корисниците уште во текот на истиот ден ги добиваа архивските фондови кои ги бараа за користење. Читалната имаше природна светлина со пространи прозори и максимална прегледност со што се превенираше евентуална злоупотреба на архивскиот материјал (неовластено фотографирање, кражба на оригинални документи и сл).

Несоодветни услови за работа со архивски документи

Во актуелните административни простории не постојат елементарни услови за работа на архивистите, кои средуваат документација стара и по стотици години во простории без прозори (без природна вентилација и светлина). Во зградата постои систем за вентилација кој од технички аспект неправилно врши доток на свеж воздух до просториите за средување и обработка на архивските документи. Истиот систем нема филтри за пречистување на воздухот препорачани за архиви, библиотеки и музеи согласно меѓународните стандарди за вакви специјализирани институции. Иако месечните трошоци за овој систем се огромни, полезноста од истиот за вработените и за корисниците, не само што е непостоечки, туку напротив, само ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот бидејќи придонесува за распространување на штетните честички од воздухот низ сите работни простории. Актуелниот простор нема пожарни скали за евакуација на вработените и на корисниците во случај на пожар, поплава, земјотрес и сл. Освен тоа, близината на реката Вардар, што е спротивно на основното начело при изградба на архивски објекти, претставува дополнителна закана и проблем за функционалноста на инсталациите на Архивот. Одводните инсталации се наоѓаат под нивото на Вардар, што е пречка за нивното функционирање при поројни дождови, при зголемување на подземните води и при ниски температури.

За илустрација, минатата година Архивот не работеше на неколку наврати поради поплавување на подрумските простории и на окната на лифтот, со што работните простории останаа без пристап, без струја, без вода, без санитарии и без неопходната вентилација. Инаку просторот е предвиден за работа на 60-тина вработени а во него работат 120.

Наспроти тоа, во старата зграда на Државниот архив работните простории овозможуваа природна светлина и проток на чист воздух без трошоци за вентилација, потполно беа функционални за архивско работење, а самата зграда овозможуваше лесна евакуација на вработените и на граѓаните корисници на архивскиот материјал, во случај на пожар, поплава, земјотрес и други природни непогоди.

Супстандардно депо во новиот објект – магацински простор

Стандардите кои се применуваат при изградба на архивско депо налагаат вакви објекти да не се градат покрај водени текови и сливни подрачја, низ салите во депото да не поминуваат водоводни и одводни инсталации, да постои систем за самостојно напојување со електрична енергија, кој надвор од работното време треба да биде исклучен поради безбедносни причини, да има имплементирано противпожарен систем, да има обезбедено контролирана температура и влажност на воздухот заради конзервација на документите, и да има обезбедено услови за брза евакуација на архивскиот материјал.

За жал, актуелното депо е во целосна спротивност со горенаведените архивистички норми: се наоѓа во близина на вода, и повеќе наликува на огромен магацински простор од 1700 м2, кој е сместен на 6-ти спрат и е отворен низ целата должина на зградата на Археолошки музеј, без да биде поделен на помали сали со заштитни комори за заштита од пожар. Низ самото депо поминуваат одводни и водоводни цевки, како и цевки под висок притисок за противпожарниот систем, кои што претставуваат ризик за поплавување на депото и за уништување на архивскиот материјал. Депото нема прозори, ниту вентилација со што е оневозможено природно проветрување на архивскиот материјал како основен предуслов за негова заштита од микроорганизми. Освен тоа, не се обезбедени микроклиматски услови за заштита на документите, ниту дополнителен излез за нивна евакуација во случај на природни катастрофи, воена или вонредна состојба. За илустрација, при топењето на снеговите и при поројните дождови, минатата година депото беше поплавено од неисправна атмосферска инсталација. Исто така, според светските стандарди депото не смее да биде сместено над административни простории, за да не се загрозат животите на вработените и на истражувачите поради константното зголемување на тежината во депото, што исто така не е испочитувано во актуелните простории на Архивот.

Наспроти тоа, наменското депо во стариот објект на Архивот ги исполнува сите светски стандарди за чување на архивски материјал: депото претставува посебна зграда одвоена од административните простории, со независен извор на струја кој се исклучува по работното време за да се спречи евентуален пожар од електричната инсталација. Депото има посебен заштитен влез, сместено е на 5 спрата со сали од по 430 м2, секоја сала е одвоена со засебен влез и има пристап преку лифт и преку скали, има дополнителен независен влез/излез за евакуација на архивскиот материјал во случај на природни катастрофи, воена или вонредна состојба. Депото е наменски градено со статика која предвидува значително зголемување на тежината во депо-салите. Во депото постојат посебни метални сефови и 2 трезори за чување на архивски материјал од прва категорија. Прозорите во депото се поставени странично за да се спречи директен контакт на светлина со архивскиот материјал и истите овозможуваат секојдневно природно проветрување на архивскиот материјал. Низ ова депо не минуваат одводни, водоводни и други цевки кои би ја загрозиле физичката безбедност на архивскиот материјал. Исто така во ова депо постои и ефикасен систем за евакуација на документарното наследство со обезбеден пристап за товарно возило во самата внатрешност на приземјето на депото.

 Какво е историското значење на архивските документи за македонското општество?

Архивскиот материјал е уникатен и автентичен извор на информации за администра­тивните, културните и интелектуалните активности и претставува доказ за развојот на македонското општество. Архивските документи се основа за разбирање на историскиот и на културниот идентитет на поединците и на општеството во целина и се неопходни за разбирањето на различните културни вредности на нашите граѓани.

Недвојбена е суштинската потреба од архивскиот материјал за поддршка на ефикасна, одговорна и транспарентна администрација, за заштита на правата на граѓаните, за утврдување на индивидуалната и на колективната меморија, за разбирање на минатото и за документирање на сегашноста како предуслов за градење на иднината на нашето општество.

Јавните архивски документи им припаѓаат на сите граѓани, сегашни и идни, бидејќи тие претставуваат доказ за нивните права и привилегии. Чувањето на архивскиот материјал претставува гаранција за веродостојност, целовитост и расположивост на информациите за јавноста. Архивските документи претставуваат најважен, јавно расположив извор на информации кој им овозможува на граѓаните бесплатна и неограничена употреба на информациите од јавниот домен.

Архивот претставува чувар на документарното културно наследство и е извор за градење на колективната меморија на нашата држава.

Затоа е неопходно;

Надлежните институции да донесат итна одлука за враќање на Државниот архив на Република Македонија во наменскиот објект за да се спречи неповратно оштетување и уништување на документите од трајна вредност, кои се сведоштво за идентитетот и постоењето на македонската држава.

Без одлагање да се обезбедат хумани услови за работа на архивистите и соодветни услови за чување на јавниот архивски материјал, кој е во сопственост на Република Македонија, со цел да се сочува документарното наследство на Македонија и да врати достоинството и угледот на Државниот архив на Република Македонија.“

Затоа што,

БЕЗ ДОКУМЕНТАЦИЈА НЕМА НАЦИЈА…

 Со почит,

Вработените во Државниот Архив на Република Македонија

Поврзани новости