Група вработени во Агенцијата за разузнавање (АР) испратија анонимно писмо до медиумите, до неколку странски амбасади и до кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со кое укажуваат дека добиле сознанија дека премиерот планира да ја укине Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање и да воспостави нова партиска служба.
Разузнавачите од АР обвинуваат дека новиот закон наместо експерти го подготвуваат „партиски послушници и криминалци“, „лица кои или биле осудени или моментално се водат постапки за нив во Обвинителството“ . Тие стравуваат дека со таквиот чин целта е „да се воспостави целосна политичка контрола во Република Македонија налик на Северна Кореја“.
„Сакаме да ја информираме јавноста, дека се подготвува предавство врз Република Македонија, односно безбедносниот сектор на оваа држава, што според нас е темелот врз кој Македонија постои. До нас секојдневно пристигнуваат информации од членки на НАТО како државниот врв подготвува укинување на Агенцијата за разузнавање. Укинувањето не е никаква реформа, туку е воведување на Република Македонија во автократија и партиска контрола. Целта на државниот врв е да се партизира и она малку што е останато професионално, сè со цел да се воспостави целосна политичка контрола во Република Македонија налик на Северна Кореја“ се наведува во писмото.
Вработените тврдат дека зад идејата за укинувањето на клучните агенции АНБ и АР стои лично премиерот кој според писмото планирал на чело на новата служба да постави свој близок човек.
„Во информациите што пристигнаа до нас јасно се гледа дека премиерот планира да ја укине Агенцијата за nационална безбедност и Агенцијата за разузнавање и да воспостави нова партиска служба која нема да им служи на сите граѓани, туку само на политичкиот врв. Лицата кои го подготвуваат новиот закон се лица кои или биле осудени или моментално се водат постапки за нив во Обвинителство. Не се вклучени експерти од пошироката јавност, туку само партиски послушници и криминалци. Ароганцијата и желбата за воспоставување тиранија водат дотаму што лицето кое треба да биде на чело на оваа нова служба не е од безбедносниот сектор и е во приватни блиски релации со премиерот на Република Македонија, а моментално работи во една компанија како шеф на маркетинг. Во моментов, Република Македонија е соочена со голем број предизвици од разни страни, каде Агенцијата за разузнавање е и повеќе од потребна, само неук или компромитиран човек би сакал нејзино укинување. Голема е и желбата на одредени центри на моќ да ја нема Агенцијата за разузнавање, за жал премиерот на Република Македонија, е на нивна страна, пишуваат меѓудругото.
Тие апелираат до претседателката Гордана Сиљановска да се спротивстави на оваа одлука и да го спречи укинувањето на Агенцијата за разузнавање.
„Апелираме до Претседателката Гордана Силјановска да се спротивстави на оваа одлука и да го спречи укинувањето на Агенцијата за Разузнавање. Ние ги имаме сите информации кои соодветно ќе бидат употребени во рамки на нашите можности да ја информираме јавноста какво предавство сака да направи оваа влада. Во наредниот период очекуваме и политички апсења внатре во Агенцијата за Разузнавање. Тоа што ни еден непријател не успеал да го направи изминатите година, во моментов го прави оваа влада. Дополнително, познати ни се одредени нелегални активности и во врвот на Агенцијата, како и партиски активности, кои се забранети според законот за АР, но тие работи ќе ги решаваме на институционален начин. Очигледно е дека новопоставената Директорка и Заменик Директорка, работат за нечии лични и партиски интереси, а не за интересите на државата и Агенцијата.
За жал ова писмо моравме да го поднесеме анонимно бидејќи сме активно вработени во Агенција за Разузнавање и законот не дозволува поинаку“ пишуваат во писмото.