Жена на возраст од 50 години од Кавадарци, вработена во германската фабрика Дрекслмајер е позитивна на Ковид-19, информираат од Центар за Јавно здравје Кавадарци.
Таа немала симптоми и била во приватна болница, поради друга здравствена состојба, по што според тамошните процедури и бил направен серолошки тест кој детектирал вирусно заболување, по што и бил земен брис, а резултатот покажал дека е инфицирана со корона вирус.
-Во тек се епидемиолошките анкети, се утврдуваат контактите на пациентката. Според нејзината изјава, таа не одела на работа во изминатите десет дена. Вработена е во фабриката Дрекслмајер, каде се почитувале мерките за заштита од вирусот и таа се сомнева дека е инфицирана од друго место, односно нејзиниот сопруг бил шофер. Ќе бидат направени анкетите со контактите на пациентката која останува во домашно лекување – изјавија од центарот.
Ова е прв регистриран позитивен случај на лице вработено во големата германска фабрика за производство на кабелски сетови за автомобилската индустрија, која е еден од најголемите работодавачи во Тиквешијата.
Уште на почетокот на пандемијата, за „Фокус” надлежните од компанијата потенцираа дека се следат сите протоколи од Министерството за здравство.
Биле поставени пунктови за дезинфекција, се дезинфицирале и просториите, а вработените имале доволна оддалеченост помеѓу себе.
Вики Клинчарова