Вработен во МЗШВ доби на суд, прва пресуда за дискриминација по основ на политичка припадност

by fokus

Основниот суд Скопје II Скопје утврди дека е сторена дискриминација во еден случај каде вработен во Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, бил деградиран од својата работна позиција и прераспределен да работи на место надвор од неговиот град на живеење, само затоа што бил член на спротивна партија од таа која била на власт во моментот.

Случајот пред суд го застапување адвокат од Македонското здружение на млади правници. Од таму информираат дека ова е прва пресуда од ваков вид, односно за прва пат судот утврдил повредa на правото на еднаквост и сторена дискриминација по основ на политичка припадност во областа на работните односи.

„Основниот суд Скопје II Скопје донесе првостепена пресуда со која се утврдува дека Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство на РМ како тужен, сторило дискриминација по основ на политичка припадност во областа на работните односи. Со пресудата се забранува преземање на дејствија од страна на тужениот со кои се врши дискриминација, се задожува да ги преземе сите потребни дејствија со кои ќе ја отстрани сторената дискриминација и да му исплати на тужителот правичен надомест за нанесената душевна болка предизвикана поради повреда на правото на еднаков третман“, велат од здружението.

Како што соопштуваат од таму, вработениот надвор од работното место бил политички активен како претседател на општински под-огранок на политичка партија и бил вклучен на листата на советници на локални избори.

„Во текот на своето работење тужителот своите работни задачи ги извршувал непристрасно, објективно и за своето работење бил оценуван со ,,се истакнува,, и ,,задоволува,,. Тужителот добил решение за распоредување на пониска позиција иако истиот исполнувал услови за повисока позиција од причина што во меѓувреме завршил високо образование. Истиот повел постапка за оспорување на донесеното решение за потоа единствено тужителот од сите негови колеги да биде распореден времено да ги извршува работните задачи во подрачна единица на министерството надвор од градот во кој живее. Просториите каде што бил упатен тужителот да ги извршува работните задачи не биле соодветни за канцелариска работа и не располагале со соодветен простор. Народниот правобранител на РМ донел заклучок дека прераспоредувањето на тужителот не е поврзано со наводно зголемениот обем на работа, туку би можело да се поведе како вознемирување на работното место и дискриминација по политичка основа“, велат од здружението.

Од таму додаваат дека по распоредувањето на тужителот, на неговото работно место било вработено лице со различна политичка припадност од онаа на тужителот и член на владејачката партија.

„Раководното лице исто така било со различна политичка определеност од тужителот. Судот го применил член 9 од Уставот на Република Македонија,  согласно кој граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите; членот 32 став 2 согласно кој секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место; одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работни односи. За поздравување е примената на членот 14 од  Европската конвенција за заштита на човековите права (Забрана на дискриминација) и член 1 од Протокол 12 (Општа забрана за дискриминација) и повикувањето на праксата на Европскиот суд за човековите права во предметот Redfearn v. the United Kingdom (Жалба бр.47335/06) каде судот одлучувал за правата на жалителот кој претрпел нееднаков третман во поглед на неговото вработување поради неговата поврзаност со политичка партија“, посочуваат од таму.

Свесни за постоењето на дискриминацијата по основ на политичка припадност во нашето општество, Македонското здружение на млади правници ја поздравува одлуката на судот и истакнува дека оваа пресуда е од енормно значење поради тоа што е прва првостепена пресуда каде се утврдува дискриминација по основ на политичка припадност.

„Дискриминација по овој основ ја среќаваме секојдневно во работните односи во државните институции и јавните претпријатија и често се манифестира со неможност за вработување, унапредување и вреднување на трудот, како и со одбивање да се дадат работни задачи“, велат од Македонското здружение на млади правници.

Поврзани новости