На денешното судско рочиште за насилниот упад, што се случи на 27 април 2017 година во Собранието, сведочи вработен во МВР, Митко Груевски, кој работи во Единицата за јавен ред и мир.
Тој бил ангажиран за обезбедување на протестите, кои се оддржува подолг период пред критичниот ден.
-Се собиравме кај Владата, со целосна опрема, и потоа одевме по луѓето кои протестираат. Често пати стоевме и кај Палома Бјанка и зад Собранието, и ако требаше да интервенираме комунициравме со мобилни, рече Груевски, опишувајќи како биле организирани за обезбедување на протестите.
На прашање на обвинителката Вилма Рускоска, сведокот одговори дека меѓу оние кои протестирале, во првите редови имало и негови познаници, колеги, за кои сепак истакна дека можеби биле и службено ангажирани.
–Дел од колегите кои се приклучуваа на масата беа од Шестата управа, за обезбедување на вип личности, кои беа и во обезбедувањето кај премиерот Никола Груевски. Сепак не знам која била нивната улога, рече сведокот.
Тој додаде дека во првите редови ги забележувал и обвинетите Богдан Илиевски Бетмен, оперскиот пејач Игор Дурловски, актерот Владо Јовановски, како и Александар Василевски Нинџа, но дообјасни дека ова се случувало деновите пред 27 април, бидејќи самиот ден бил до 15 часот на работа, по што си заминал дома.