Јавниот сервис МРТ на својата страница објави записник од седница на Програмскиот совет која се одржала пред две недели, а на која покрај останати теми на дневен ред, се дискутирало и околу тоа дали политичките партии го зголемуваат притискот врз МРТ пред изборите, но и дали вработен во едно министерство присуствувал на уреднички колегиуми на Вториот програмски сервис, и наводно бил претставуван како советник на директорот Марјан Цвтековски, односно како негов заменик директор.
Овие прашања ги поставила Снежана Клинчарова, која е член на програмскиот совет.
Како што е наведено во записникот, во точката разно за збор се јавила Снежана Клинчарова и побарала одговори за две значајни прашања:
-Програмскиот совет да добие информација за забелешката во последниот извештај на Европската Комисија дека во Јавниот сервис МРТ потребно е да се реализираат реформи. За какви реформи станува збор?
-Дали политичките партии го зголемуваат притисокот врз МРТ пред изборите во 2024, како врз првиот, особено врз вториот програмски сервис?
Се зборува дека извесен господин, вработен во едно од министерствата на Владата, речиси секојдневно бил присутен на уредничките колегиуми на Вториот програмски сервис и божем, суштински влијаел во уредувањето на програмата.
Уредничката на Вториот Програмски сервис божем, го претставувала како советник на директорот Марјан Цветковски или како заменик директор.
Дали е ова точно и дали ваквото скандалозно и со закон забрането делување навистина се случува? Кој тоа го дозволува, ако законот вели дека ниту менаџментот, ниту Програмскиот совет не смеат да се мешаат во уредувачката политика на куќата? Секако тоа не значи дека Програмскиот совет на МРТ не треба да ги земе уредничките во заштита, особено од надворешни влијанија- пишува во записникот.
Истакнато е дека по расправата по однос на оваа точка бел предложен Заклучок:
-До Програмскиот совет на МРТ да се достави писмена и усмена информација од Директорот на МРТ Марјан Цветковски, од Уредничките на Првиот и Вториот програмски сервис, Анета Андонова и Мерита Гаши, по двете погоре образложени точки.
По спроведеното гласање со 10 гласа ЗА и 1 Воздржан глас, Заклучокот бил усвоен од страна на Програмскиот совет на МРТ.
Одговорите на прашањата поставени на седницата се уште не се објавени на страницата на МРТ.
Вики Клинчарова