Вработен во кабинетот на Николовски доживеал сообраќајка со службено возило, од МЗШВ велат патувал со налог

by fokus

Вработен во кабинетот на министерот за земјоделство на 9-ти јули доживеал сообраќајна несреќа на регионалниот пат Виница-Берово, управуваќи службено возило „Дачија Дастер“, потврдуваат од Министерството. Но од таму ги демантираат информациите објавени во дел од медиумите дека вработениот службеник со иницијали Н.Б. немало дозвола за управување со возилото.

„МЗШВ најодговорно тврди за што има докази, дека лицето Н.Б на ден 09.07.2018 година, понеделник, во работен ден и во работно време, со налог за управување на службено возило „Дачија Дастер“ потпишан од  министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски беше на работен состанок во Подрачната единица на МЗШВ во Берово. Сообраќајната несреќа се случи непосредно по завршување на работните обврски и на состанок во Подрачната единица Берово, на патот кон Скопје“, велат од таму.

Од Министерството додаваат дека сообраќајната несреќа е евидентирана и во службениот билтен на МВР.

„ На 09.07.2018 година околу 17,10 часот на регионалниот пат Виница-Берово поточно на мостот на Ленишка река, патничко моторно возило „Дачија Дастер“ со скопски регистерски таблици управувано од Н.Б. (26) од Виница поминало на левата сообраќајна лента, при што возилото се свртело странично и со десната страна удрило во метална ограда од мостот и завршило под мостот. Возачот Н.Б. со возило на Итна медицинска помош  бил пренесен до Клиничката болница во Кочани, од каде поради сериозноста на повредите бил препратен во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот бил извршен  од страна на увидна екипа од Полициската станица Берово. Се работи на целосно расчистување на случајот“, стои во билтенот на Министерството за внатрешни работи.

„Срамно и недозволиво е несреќен случај да се користи за политички манипулации со јавноста, а човечката несреќа да се употребува за клеветење и за собирање на политички поени“, велат од МЗШВ и бараат извинување од порталот Курир.мк.

Поврзани новости