620
Епидемиолошката служба и микриобиологија на подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гостивар од синоќа се затворени. Мерката засега е од привремен карактер откако вчера беше утврден позитивен тест на КОВИД 19 кај еден од вработените. Сите вработени, околу десетина, се упатени во домашна изолација.
МИА контактираше со дел од вработените кои потврдија дека во меѓувреме, им се земени брисеви за да се утврди нивниот статус и дали се носители на коронавирусот. Мерките кои треба да се спроведат ќе зависат од исходот на тестирањата и одлуките на здравствените власти.
Епидемиолозите во Гостивар изминативе денови извршија над 50 тестирања и спроведоа епидемиолошки анкети. Деновиве се очекува да биде отворен и пункт за тестирање.