Од пред еден месец во јавноста е актуелно новото бугарско здружение „Балкански мост“, кое на својата официјална страница на Фејсбук се пофали со донации.
Како што информираат од здружението, кое било промовирано во Битола, тие со финансиска помош од Милен Врабевски и неговата фондација „Бугарска меморија“ донирале новогодишни пакетчиња на штитениците од Домот за деца без родители – Битола, и се заблагодарија на директорката на установата за соработката.
Исто така, објавија дека со финансиска помош од Врабевски, заедно со струмичкото здружение „Струмичка петорка“ од Струга, донирале пакетчиња за децата од здружението ,,Хармоничен свет”, кое работи со деца со атипичен развој.
На својата страница „Балкански мост“ објави фотографии со вработените од „Хармоничен свет“, како и благодарниците кои здружението им ги доделило.
Денес пак, од „Хармоничен свет“ се заканија со тужби до сите електронски медиуми кои ги објавиле фотографиите од настанот на кој се примала донацијата.
– Ве известуваме дека е извршена класична ЗЛОУПОТРЕБА од страна на некои од порталите со преземање на фотографиите на дел од вработените кога се примаше донација на новогодишни пакетчиња, за цели на отварање на нов бугарски клуб во Битола.
Имено, бараме од сите портали да се тргнат објавените слики и јавно да се извинат за направената намерна или ненамерна грешка.
Доколку тоа не се направи здружението ќе покрене судски постапки за нанесена штета.
Почитувани, здружение „Хармоничен свет“ ќе продолжи со работа за помош и поддршка на децата со атипичен развој и ништо повеќе од тоа – пишува на страницата на „Хармоничен свет“.
Покрај овие донации, „Балкански мост“ и „Струмичка петорка“ со финансиска помош на Врабевски донирале и ракометни топки на Ракометниот клуб „Енхалон“ од Струга. Сите кои добиле донации, објавија фотографии со благодарници до здруженијата од Битола и Струга, како и до Милен Врабевски и неговата фондација „Бугарска меморија“.
Околу тоа која е првичната цел на новото бурагско здружение во Битола, нема официјални податоци. На нивното лого е истакнато дека се работи за здружение за култура, образование и традиција.
Вики Клинчарова