Возрасна кавадарчанка фатена при кражба на грозје

by Fokus

Кавадарчанка на возраст од 60 години вчера била лишена од слобода од страна на полициски службеници од ОВР Кавадарци, откако околу 18.50 часот била затекната при извршување на кражба.

Од СВР Велес за „Фокус“ откриваат дека жената била затекната при извршување на кражба на имот на правно лице од Кавадарци, во атар на село Возарци.

– Одземеното било пронајдено и вратено на сопственикот, а Ј.Т. била задржана во полициска станица. По целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава – истакнаа од СВР Велес.

Она кое е интересно во случајот, а како што дознава „Фокус“ од свои извори, жената крадела грозје. Таа набрала повеќе вреќи, и не се знае дали ја сторила кражбата на грозје со цел од него да прави ракија, или пак да го продаде.

Инаку, во Тиквешијата лозарите мака мачат со цените на грозјето кое годинава изнесува 14,5 денари за килограм смедеревка и 17 денари за килограм вранец. Токму поради ниските откупни цени лозарите најавија протест утре со почеток од 10 часот на регионалниот пат Неготино – Кавадарци.

Во последниве години голем е бројот на лозари кои повеќе не ги работат своите лозја, бидејќи тврдат дека не им е исплатливо со сегашните цени, и голем е бројот на напуштени лозја со род во регионот.

Зошто кавадарчанката тргнала во кражба на грозје токму во лозје во сопственост на правно лице, и за каква сорта на грозје се работи, нема информација.

Вики Клинчарова

Поврзани новости