Грчката полиција го приведе шефот на смената на станицата во Лариса поради сомнение дека по негова вина се случила трагедијата во која се судриле патнички воз на релација Атина-Солун и товарен воз кој превезувал лим на релација Солун-Атина на источната патека.
Како дошло до судирот се уште се истражува, но фактот дека несреќата се случила по станицата во Лариса ја наведува полицијата да верува дека можеби се работи за човечка грешка.
Иако е прерано да се расветлат сите аспекти на кобната трагедија, првичните индикации велат дека двата воза директно се судриле, најверојатно со голема брзина. Се проценува дека шефот на станицата во Лариса не ги свртел клучевите, преку кои механички се регулира минувањето на возовите на јазлите, испраќајќи два воза на иста линија.
Претседателот на машиновозачите, Костас Генидунијас, рече дека доколку функционирала светлосната сигнализација, трагедијата можела да се избегне.
– Во последните години се случуваше да јавуваме дека електронските ситеми не работат и сѐ се работи рачно на оската Атина-Солун. Да работеа светлата, возачите ќе ги видеа црвените сигнали и ќе застанеа.
Затоа, информациите се пренесуваат од управител на станица до управител на станица, што доведува до доцнење и конвенционални методи на работа, кои не можат да го надминат човечкиот фактор и покрај големото искуство на машиновозачот, рече тој.
Во врска со околностите на несреќата,Генидунијас, зборувајќи претходно за ЕРТ, објасни дека на точката имало двојна линија, еден воз се качувал, еден се спуштал, но возовите биле на истата пруга.
Најмалку 36 лица загинаа, а 85 се повредени во стравотниот судар на возови во Грција, што се случи синоќа нешто пред полноќ во близина на градот Темпи кај Лариса. На првите снимки по страшната несреќа се гледаат грозоморните сцени од стуткани вагони и пожарот кој избувна по судирот на два воза.