Возот Скопје – Неготино удрил во железен предмет – патниците патувале шест часа, а со часови биле заглавени во тунел

by fokus

Патничкиот воз Скопје – Неготино синоќа удрил во железен предмет кој паднал на пругата од друг воз, па патниците патувале шест часа. Неготинецот Илија Стамков за МИА изјавил дека поголемиот дел од возот останал во тунелот, само предниот дел, каде што е кабината на машиновозачот, бил излезен надвор.

– Се беше во ред се додека машиновозачот, кој има подолго искуство и возеше бавно во тунелот пред Велес, не го забележал предметот железо што наводно испаднал од друг воз и почна со кочење, но бидејќи возот има голема тежина удривме во железниот предмет, од кој што можевме да бидеме исфрлени од железничката пруга. Се слушнаа неколку удари, јас помислив дека можеби ќе бидеме исфрлени од пругата, но закочивме и поголемиот дел од возот остана во тунелот, само предниот дел каде што е кабината на машиновозачот беше излезен надвор од тунелот, рече Стамков.

Возот застанал и, според информациите на патниците, случајот бил пријавен кај надлежните и во полиција. Безбедноста била, како што им кажале, околу тоа дали ќе продолжи возот, бидејќи од ударот, не можело да се види дали има некое оштетување.

– Полиција дојде, но тоа не значеше крај на нашите маки. Се изначекавме. Почнаа сите од возот да излегуваат и да се бунат, три пати испаднавме и се буневме, два пати не лажеа дека сега ќе тргнеме, сега ќе тргнеме. Испаднавме и почнавме во нервоза да се караме поостро и поостро. Благодарност до машиновозачот кој беше присебен и ни ги спаси животите на сите со неговата брза реакција и кочење. Стасав на железничка станица Неготино во 23 часот, а тргнав од Скопје околу пет часот, вели Стамков.

Тој додаде дека додека возот стоел, неколкумина патници тргнале пеш по пругата до Велес.

– Имаа среќа и не им се случи ништо лошо по патот, по таа темница по пруга. Кога тргнавме, ги качивме и нив по патот, рече Стамков.

Извор: МИА

Поврзани новости