Руската служба за безбедност денеска соопшти дека убила четворица украински „саботери“ додека, како што се наведува, се обидувале да влезат во руската област Брјанск, која се граничи со Украина.
„По вооружениот конфликт на 25 декември, четворица саботери беа елиминирани во обид од Украина да влезат на територијата на областа Брјанск“, соопшти ФСБ, пренесуваат агенциите
Според ФСБ, таа група, обвинета дека сакала да изврши терористички акти и саботажа, била опремена со оружје од германско производство, комуникациска опрема и четири импровизирани експлозивни направи.
На видеото што го пренесе новинската агенција Риа-Новости a се припишува на ФСБ, се гледаат четири крвави тела, опкружени со оружје и облечени во зимска маскирна опрема.
Агенцијата Франс прес наведува дека оваа информација и ова видео на руските медиуми засега не може да се потврди од независни извори.
Во последните месеци Русија беше цел на серија инциденти, вклучително и експлозии на важни воени и инфраструктурни локации, за кои Москва ја обвинува Украина.
Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека соборило украинско беспилотно летало додека се приближувало кон воздухопловната база на југот на Русија во областа Сратов, која се наоѓа на повеќе од 600 километри од Украина.
Според тој извор, три лица биле убиени од фрагментираниот дрон по неговото уништување.
Минатата недела рускиот парламент усвои нов закон кој предвидува долги затворски казни за таканаречените диверзанти и за „терористичките“ закани, вклучително и од странци, во конфликтот во Украина.