Кога во 2010 година на повеќе локации во Скопје беа забележани кучиња со распорени утроби и со одрана кожа, граѓаните останаа вознемирени од суровоста и лудилото на скопскиот мевосек.
Здруженијата за заштита на животните ја алармираа јавноста за настаните, беше известена и полицијата, а повеќе психолози предупредија дека ѕверското измачување на животни е само на еден чекор од убиство на луѓе. Сторителот никогаш не беше откриен.
Деновиве и кавадарчани беа сведоци на грозоморно изживување врз куче, кое со распарана и изгорена утроба било оставено на прометно место, покрај голем маркет во новиот центар на градот. Фотографии од несреќното куче чиј живот завршил во огромни маки беа објавени од страна на Аними Реино, здружение за заштита на животните Кавадарци, од каде апелираат, секој кој има информација или е сведок на настанот, да помогне во пронаоѓање на сторителот.
,,Со криење на информации и бранење на потенцијалните трујачи и психопоти во кои се сомневате само му правите лошо на општеството и средината од која што сите сме дел. Заедно да го најдеме сторителот и истиот да одговара за стореното дело!”- повикуваат од здружението, барајќи секој што има информација за случајов, или за некој сличен инцидент, да ја сподели со нив или да се обрати во Полициската станица. Кавадарчани се исплашени од фактот што помеѓу нив живее некој во состојба да стори вакво ѕверско измачување врз живо суштество.
На социјалните мрежи апелираат виновникот да биде пронајден и изведен пред суд, предупредувајќи – Денес убил куче, утре може да убие и човек.
Вики Клинчарова