Вознемирувачки настан во Кавадарци, над 30 лица од Скопје дивееја и вандализираа низ градот!

by Fokus

Голема вознемиреност во Кавадарци предзвикаа триесеттина млади луѓе од Скопје, кои со повеќе возила пристигнале во градот во раните утрински часови вчера. Според првичните информации, станува збор за навивачи на ФК Вардар, Комити, кои првин возеле низ улиците и ги барале навивачите на ФК Тиквеш Кавадарци, Лозари.

Откако дознале дека повеќе Лозари се наоѓаат во Спортската сала „Јасмин”, каде изработувале плакати за претстојниот натпревар помеѓу двата фудбалски клуба, кој ќе се одржи во недела во 15 часот на градскиот стадион во Кавадарци, со возилата се упатиле таму.

Со себе носеле палки, бакљи и тврди предмети, и околу еден часот по полноќ целата група пристигнала во спортската сала.

Започнале да вандализираат, ја оштетиле влезната врата, фрлале бакљи, метални и други тврди предмети, и неколку лица од Лозарите завршиле со телесни повреди.

Настанот во кавадаречката полиција го пријавил чуварот на спортската сала, а од СВР Велес го потврдија за „Фокус”.

Од таму информираат дека од страна на ОВР Кавадарци бил извршен увид и се преземале мерки за расчистување на случајот, кој се случил околу 1 часот на 14-ти септември.

Кавадарчани се вознемирени од нападот на групата, и прашуваат кога пред натпревар се дозволил ваков вандализам и насилие, што ли можат да очекуваат во недела, за време на натпреварот. Појаснуваат дека сликите на хулиганите кои со возилата низ град ги бараат навивачите на Тиквеш самите по себе предизвикувале страв, а пак за вандализмот и нападот кој се случил во „Јасмин” се бараат најстроги казни.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев за „Фокус” вели дека е недозволиво такво насилно однесување и групата која дошла во градот да дивее мора да биде изведена пред лицето на правдата.

– Ова е голем скандал, организирана голема група да дојде и да сее страв помеѓу граѓаните! Да се уништува инвентар, да се крши и фрла со тврди предмети и со бакљи, без да се мисли на последиците и на тоа дека можеле да имаат трагичен епилог, односно некој да биде сериозно повреден, без разлика дали е член на Лозари или пак млади граѓани на Кавадарци, кои случајно им излегле на пат. Неспортско однесување кое фрла темна дамка на еден настан кој треба да биде во духот на фудбалот, пријателството и фер играта.
Апелирам до надлежните служби да го расчистат случајот до крај и насилниците да бидат санкционирани – порача градоначалникот.

Навививачи на ФК Тиквеш пак, потсетуваат на немил настан од пред неколку години, кога двајца „Лозари” од Кавадарци дошле во Неготино, физички да се пресметаат со навивач на неготинскиот фудбалски клуб. Истите беа осудени на условна затворска казна од две години, доколку во наредните четири години го повторат делото.

-Ова е спорт, а не војна! Која лудост и храброст е тоа, цела една организирана група да дојде среде ноќ во градот, со цел да напаѓа и вандализира! Не е важно за чии навивачи станува збор, законот мора да важи исто за сите – истакнуваат кавадаречки навивачи.

Како што дознава „Фокус”, нападот кој се случил во „Јасмин” е снимен на безбедносни камери, а снимките од дивеењето се со крајно вознемирувачка содржина.

Вики Клинчарова

Поврзани новости