Армијата на Република Македонија се вози во возила чии стандарди се далеку од оние на НАТО, дознава Фокус. Според информациите до кои дојдовме, само две од сите возила на АРМ имаат нови гуми, додека останатите се стари повеќе од 10 години.
Нашите извори тврдат дека често возилата се расипуваат, па припадниците на Армијата или чекаат друго возило, или пак се обидуваат самите да го поправат возилото. Од генералштабот за Фокус не одговорија конкретно дали гумите се постари од 10 години, единствено изјавија дека сите возила кои ги користи Армијата се според европските стандарди на квалитет, како и дека сите пневматици се набавуваат врз основа на јавни тендери согласно истите стандарди и додаваат дека сите возила кои се вкучени во сообраќајниот режим се должни да ги почитуваат пропишаните стандарди во сообраќајот во однос на пневматиците и подложат на претходна проверка.
„Одредени проблеми кои периодично се појавуваат во изминатиот подолг период во однос на навремено зановување на пневматици на моторните возила, но и на други резервни делови и поправка на возила, е од причина на несклучени договори, неможност за набавка на пропишани резервни делови од релативно стариот возен парк на моторни воила на АРМ и сеуште недоволно издвојување на финансиски средства кои се доделуваат директно на единиците на чие користење се моторните возила“, велат Генералштабот.
Фокус дојде до информации и дека под знак прашалник се става постоењето на специјалната единица „Ренџери“. Според нашите извори, размислувањето на нивно прераспоредување во други касарни и целосно укинување доаѓа поради фактот што слични специјални сили има единствено во Русија и Америка.
„Армијата на Република Македонија согласно стандардите на НАТО, координирано и во согласност со изработката на новиот Стратегиски Оперативен Преглед од страна на Министерството за одбрана, работи на трансформација на постоечката формациска структура, во која ќе бидат вклучени сите припадници на АРМ од постоечката структура. По завршување на новата формациска структура истата ќе биде јавно презентирана и објавена на веб страницата на АРМ, впрочем како тоа е направено и при претходните трансформации (последната од 2012 година). Напоменуваме дека притоа припадниците на целокупниот сегашен состав на АРМ, меѓу кои и на единицата за која се интересирате ќе го имаат своето поставување во единиците на новата формациска структура согласно нивната намена, обученост и способности“, велат од Генералштабот за Фокус.
„Ренџерите“ сега не знаат која ќе биде нивната судбина, односно дали би имало некакво друго решение за нив или ќе бидат распоредени во другите структури на АРМ.
Дел од припадниците на силите за Фокус велат дека освен покачената плата, речиси ништо друго не е сменето. Војниците се уште ја добиваат ниту целосната листа на храна и пијалоци кои им следува, односно им се крати од она што по договорот им следува.
Се чека и на подобрување на условите, нешто што беше ветено од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која презентирајќи го буџетот на министерството истакна дека освен повисоките плати, припадниците на АРМ ќе добијат нови униформи и чизми, а ќе има и редовно сервисирање на опремата и подобрување и одржување на објектите.
И додека се чека на подобрување на условите, припадниците на АРМ се уште имаат ужасни услови. Дупките на таванот, оштетените тушеви и уште многу други работи се видливи на ѕидовите во касарните, или пак се само малку прикриени, но не и целосно санирани.
Александар Тодески