Денес воздушниот притисок ќе бележи тенденција на брзо и значително опаѓање, тоа е најава за надоаѓање на новиот циклон ЈАКОБ. Времето се уште ќе биде сончево и натпросечно топло со умерена локална облачност, ќе дува ЗАСИЛЕН ветер од јужен и од југозападен правец кој на некои места ќе достигнува брзина и до околу 80 км/час. Максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 13 до 21 степен. Кон крајот на денов и навечер од запад облачноста ќе се зголемува и во западните предели ќе започнат врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе има услови и за ретка појава на грмежи.
Во Скопје и околината времето ќе биде сончево со умерена облачност, особено претпладнево а во текот на денов ќе дува умерен до засилен ветер од јужен и од југозападен правец. Максималната температура и понатаму ќе биде натрпосечно висока и се очекува да се искачи до околу 19 степени. Утре ќе има повремени врнежи претежно од дожд а температурите позначително ќе опаднат.
Циклонот ЈАКОБ утре ќе услови врнежите да се прошират во најголем дел од државава. На ниските места ќе врне дожд, на повисоките места и на планините врнежите ќе бидат од снег, снежната граница ќе има услови на некои места да се спушти и под 1000 м.н.в, особено на запад и на север. На планините се очекува да се формира позначителна снежна покривка ( над 20 сантиметри). Максималните дневни температури утре ќе бележат тенденција на значително опаѓање и ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 10 степени, во најтоплите предели истите се очекува да се искачат до околу 14 степени. Ќе дува умерен до засилен ветер од западен и од северозападен правец.
Влијанието на циклонот ЈАКОБ ќе се задржи и во петок кога на повеќе места повторно се очекуваат повремени врнежи од дожд на ниските, на повисоките и планинските места ќе врне снег. Особено на планините снежната покривка и понатаму ќе се зголемува. За време на викендот се очекува стабилизирање на времето. Исто така за време на овој циклон на некои места, особено на запад се очекува да наврне и позначително количество на воден талог (над 30 л/м2).
Подготви: Славчо Попоски