Воздухот и понатаму екстремно загаден, вредностите на ПМ2.5 и ПМ10 и до седумпати повисоки од граничните

by Fokus

Екстремното високо загадување со ПМ10 и ПМ2,5 честичките и денеска е реалноста во која живеат жителите на Скопје, Струмица, Прилеп, Охрид, Кичево и повеќе други градови низ земјата, покажуваат мерењата на мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем. Најзагадено во главниот град е во Лисиче, каде вредностите на ПМ 10 денеска се 256 микрограми на кубен метар, во Ректорат се измерени 191, а во Ѓорче Петров 131 микрограми. Во Кичево беа регистрирани 140 микрограми на кубен метар, а најзагадено беше во Прилеп каде се измерени 319 и во Струмица 280 микрограми ПМ10. Во Гази Баба вредностите на ПМ 2,5 се 116, во Ѓорче Петрров 113, во Охрид 239, а во Струмица 210 микрограми на кубен метар.

Скопје и денеска високо се рангира на листата на порталот IQAir каде се најде на седмото место, каде воздухот што се диши е оценет како нездрав.

Неповолните временски услови и густата магла кои допринесуваат за зголемено загадување на воздухот ќе се задржат и во следните денови. Според прогнозата на Управата на хидрометеоролошки работи денеска во земјава времето ќе биде променливо облачно со умерен ветер, а во Скопје променливо облачно и магливо. Утре се очекуваат повремени врнежи од дожд, на планините и во повисоките места од снег.

Поврзани новости