Синдикалците во ЈСП за утре најавуваат штрајк, а од претпријатието тврдат дека тоа е лага, уверуваат дека превоз ќе има.
Синдикалците бараат повисоки плати, плаќање на прекувремената работа, водење точна електронска евиденција на возачкиот персонал и платена хранарина за трета смена.
Од Синдикатот на приватниот, адиминистративниот и јавниот сектор тврдат дека во моментов, сѐ од наведеното недостасува и му порачаа на работодавачот да го погледне Колективниот договор.
– Причина за штрајкот е усогласување на минималната плата со Колективниот договор, неисплатата на прекувремени часови за прекувремена работа, неисплата на хранарина на работниците што работат навечер од 22 до 6 часот, дискриминација на помлад возач, луѓе кои се со лиценца и која важи секаде во светот, а тука се помлади возачи со години, изјави Елизабета Тошевска, претставник на Синдикатот Спајс при ЈСП.
Од друга страна, функционирањето на јавниот градски превоз ќе биде редовно и без задршки и покрај наводите на одредени медиуми и структури дека Скопје утре ќе остане без јавен превоз – реагираат од ЈСП – Скопје преку објава на Фејсбук профилот на претпријатието.
– Сакаме да потенцираме дека причината за штрајк на новоформираниот синдикат, четврти по ред, е нелегитимна бидејќи од 1 јуни зголемена е платата на сите вработени во ЈСП. Апелираме, медиумите и синдикатите да не дозволуваат да бидат инструментализирани од политиканти и политички бандити – посочуваат од ЈСП во објавата.