На плус 40 автобусите на приватните превозници се без клима, возачите пушат, возат со отворени врати, застануваат кај ќе им текне да купат цигари и доколку се пожалиш ти велат не мораш да се возиш со автобус, вели за „Фокус“ патничка што и покрај здравствените проблеми мора да користи јавен превоз.
-Кога му реков на возачот дека прекршил многу закони и дека воопшто не е во ред во автобус без прозори да не работи климата, а тој самиот да пуши ми се закани со зборовите, слезете госпоѓо ако не ви одговара, вака дотерана нека ве вози некој со клима, автобусот е мој. Го извадив телефонот да го фотографирам, тој физички ме нападна и ми рече дека ако уште еднаш се качам во неговата приватна 12-ка да му ја мислам, вели таа за „Фокус“.
Од ЈСП Скопје велат дека 90 отсто од возилата кои се пуштаат во сообраќај имале исправна клима.
– Јавниот превоз го сочинува ЈСП Скопје и приватните превозници, а за жал, дел од јавноста, патниците не поистоветуваат. ЈСП Скопје одговорно тврди дека согласно денешната евиденција, во 90 отсто од возилата кои се пуштаат во сообраќај, клима уредите се исправни и се во функција. Преостанатиот дел се предмет на сервисирање, проблем кој е настанат тековно и не може да се предвиди. Посочените возила не се пуштаат во сообраќај. Се случува во некои возила на ЈСП Скопје климите да се исклучени, со оглед на тоа дека некогаш има реакции на дел од граѓаните дека им е преладно, па возачот е приморан да ги исклучи како не би се нашол во незавидна положба со оглед на заканите – велат оттаму.
Градот Скопје редовно врши контрола врз сите лица кои вршат организиран јавен превоз во рамките на Градот Скопје, согласно Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје, ни беше речено оттаму. Сепак не добивме официјален одговор што вклучува договорот за приватните превозници, бидејќи цената на билетите е еднаква и за ЈСП и за нив, веројатно треба да исполнуваат одредени услови.
Поради тропското време, надлежните апелираат граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, односно да се заштитат од директна сончева изложеност, да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Токму на автобуските постојки, но и на пазарите итната помош има најмногу интервенции. Обемот на работа им е драстично зголемен последниве денови.