Уставните измени се прашањето што ќе го откочи процесот, односно ќе го овозможи продолжувањето на патот кон Европската Унија. Сметам дека сите треба пред граѓаните да излеземе и да покажеме дали стоиме зад нивната волја да станеме членка на ЕУ, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за Фронтлајн.
„Имате политички партии коишто упорно го кочат тој процес и затоа сметам дека треба пред граѓаните да излеземе со јасна порака. Дали поддржувате политички структури коишто сакаат државата да биде членка на Европската Унија или поддржувате политички структури што сметаат дека треба да има алтернативни структури од типот на средбата на рускиот претседател со севернокорејскиот претседател и таму да се зацртува една нова алтернатива на Европската Унија.
Затоа сметаме дека сега е време сите политички партии кои што се залагаат за ЕУ да бидат дел од европскиот фронт. Останатите нека си направат свој фронт па да излеземе пред граѓаните и да бираат граѓаните. Дали сакаат Европска Унија или ја сакаат таа коалиција којашто се сретна скоро во Русија“, вели министерот Османи.
Говорејќи за „Фронтот за Европа“, идеја што ја промовира лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, министерот Османи нагласува дека, засега, на државно ниво се води координацијата со сите политички партии, независно од етничка или било каква припадност, но важно е дали тие се залагаат за членство во Европска Унија или не.
„Се разбира дека на ниво на политичката партија работиме со албанските политички партии во моментот кои се залагаат за ЕУ, за создавање на тој фронт, а се разбира како ќе се ближат изборите, тогаш ќе се прошири или евентуално ќе се разговара и со други партии“, тврди Османи.