Воскопулос: Да се декларираш Македонец во Грција е како да се декларираш Евреин во време на Хитлер

Интервју со членот на колективното раководство на партијата „Виножито“

by fokus

Павле Воскопулос Филипов е член на колективното раководство на партијата „Виножито“ во Грција која се бори за признавање на првата на македонското малцинство. Тој во разговор за „Фокус“ ја објаснува моменталната ситуација на Македонците во Грција. Вели дека споредбата со јавно декларирање како Евреин во време на Хитлер не е претерана.

Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

ФОКУС: Смени ли нешто Преспанскиот договор за секојдневниот живот на Македонците кои живеат во Грција ?

ВОСКОПУЛОС: Преспанскиот договор не делува на животот на Македонците во Грција. Да не заборавиме дека овој период се појави и Ковид што како и да е, прв приоритет за секој граѓанин е да се соочи со здраствената ситуација во општеството и пошироко.

Генерално, познато е дека Грција не признава македонско национално малцинство во северна Грција. Не се поврзува Преспанскиот Договор со малцинските прашања во Грција. Слично е и со турското малцинство што се признава како муслиманско и се одбива да признае турски национален идентитет. Само верско малцинство и ништо повеќе врз основа на Лозанската конвенција помеѓу Турција и Грција од 1923 год.

СПОРО ТЕЧЕ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ ВО ГРЦИЈА

ФОКУС: Која е Вашата генерална оценка, почна ли да се спроведува Преспанскиот договор во Грција?

ВОСКОПУЛОС: Грција “кочи” околу верификацијата на Преспанскиот договор, особено после промена на власта. Изгуби СИРИЗА, Нова Демократија е на власт и многу споро тече спроведувањето на сегментите на Спогодбата во Грчкиот Парламент.

Генерално, Нова Демократија и ако како опозиција го “демонизираше” овој Преспански договор, а кога дојде на власт ја смири реториката и јавно се изјасни дека ќе го почитува Преспанскиот договор.

ФОКУС: Дали медиумите го користат новото име?

ВОСКОПУЛОС: Во пракса може да се каже дека генерално мас медиимите принципиелно зборуваат или пишуваат по потреба “Северна Македонија” и поретко “Скопиа” како порано. Грција би можела на пример да ги смени таблите на патиштата близу границата што се однесува на “ФИРОМ” и да го користи името “Северна Македонија”, или “Република Северна Македонија” како што стои во Договорот, но тоа не го прават соодветните служби.

И ДА НЕ ПОСТОЕШЕ МАКЕДОНСКА ДРЖАВА, ГРЦИЈА ТРЕБАШЕ ДА ГИ ПРИЗНАЕ ПРАВАТА

ФОКУС: Дали Договорот смени нешто за делувањето на вашата партија?

ВОСКОПУЛОС: Преспанскиот Договор не делува драстично врз партијата Виножито. Логично и нормално секако бидејќи имаме конкретен став веќе со години околу малцинските права на малцинствата што живеат во една држава. И да не постоеше македонска држава Грција требаше и треба да почитува националните, јазичните, верските и другите малцинства.

Токму мерка за една држава околу почитување на демокртијата е како се однесува кон сопствените граѓани што истовремено припаѓаат на малцинство.Напредните и вистински демократски држави треба не само да ги почитуваат правата на малцинствата и разноликоста, туку и да спроведуваат мерки и закони за засилување на правата на овие граѓани.

Јас лично имаќи доволно искуство околу малцинските права и секако околу македонското малцинство го Грција можам да кажам типичен пример околу вистинско демократско однесување на држава и граѓани кон малцинство. Имено, во Шведска има финско малцинство, околу 300.000 граѓани. За да се вработи еден граѓанин на пр. Швеѓанин доктор во регионот каде што живее финското малцинство, мора да го научи и финскиот јазик што ке служи најуспежно токму на малцинскиот регион. 0во е типичен пример на “позитивна дискриминација” околу државната политика при малцинските теми.

ЗА ГРЦИЈА МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО НЕ ПОСТОИ

ФОКУС: Смеат ли Македонците во Грција јавно да се декларираат како Македонци?

ВОСКОПУЛОС: Јавно да се декларира Македонец тука дека е припадник на малцинство и уште повеќе ако јавно пишува или делува за правата не е воопшто лесно. За жал Грција има креирано стереотипи со децении околу почитување на малцинските права. Државата е крајно конзервативна, би рекол негативна кон малцински прашња, особено околу македонското малцинство во северна Грција.

За Грција официјално тоа не постои. Ова  е типичен став без разлика што ова држава се критикува во разни извештаи од меѓународни сериозни организации уште од ’90-те.

Има секако и типично грчко политичко лицемерно однесување. На пример, во Советот на Европа 1999 година Грција подпиша позитивно за Рамковната конвенција за Правата на Националните Малцинства. Требаше да се гласа позитивно и во Грчкиот парламент и соодветно да се имплементира. Никогаш не стигна до Грчкиот парламент ова Конвенција. Жално е, но ова е реалноста тука.

КАКО ЕВРЕИ ВО ВРЕМЕ НА ХИТЛЕР

ФОКУС: Има ли притисоци врз Македонците во Грција и какви?

ВОСКОПУЛОС: Македонец јавно да се декларира и да бара права секако не е лесно. Ако го направи автоматски се “осудува” во општеството и секако соодветните грчки државни и пара-државни структури соодветно ќе го “демонизираат” и напаѓаат…

Како во Германија 1935 година јавно да се декларира Евреин и да бара почитување на права или пак Германец демократ да го подржува еврејскиот народ…Не е претерана споредбата бидејќи денес живееме во 21-от век и жално е што и ден денес Грција нема направено реформа при грчката национална идеологија. Конкретно да признава и да почитува.

ФОКУС: Има ли притисоци од власта?

За власта пак најтипичен пример е што немаше направено реформа околу почитување на дел од своите граѓани жртви на граѓанската војна 1946-48 год. Македонците, протераните во суштина од родниот крај и ден денес не се рехабилитирани, дури и децата бегалци што се уште живи и се сметат “странци”.

Позната е темата секако во Републиката и сметам дека и ден денес може било која Македонска влада да го поставува при грчките соодветни органи.

Може секако од позитивна гледна точка, нека биде мост за пријателско и соработка
рехабилитацијата на Македонците што потекнуват од Грција бидејки баш овие луѓе се во суштина двојни државјани (родени во Грција) и македонски граѓани што со децении живеат таму.

За ова тема секогаш Виножито инсистира во Грција и странство при соодветните меѓународни институции, организации, на секакви средби и сл.

СЛЕДЕН ЧЕКОР СТРАЗБУР

ФОКУС: Какви активности спроведува Виножито периодов?

ВОСКОПУЛОС: Последниот период бараме чаре (финасиска поддршка и соработка со демократи Грчки адвокати) околу финалната фаза при грчките судови, конкретно околу дискриминацијата кон партијата за време на изборите за Европските избори 2009 год. Одбија големите ТВ канали да го емитуваат нашиот предизборен спот (5 мин.) бидејќи се користеше, покрај грчкиот, и македонскиот јазик.

Намерно Грција “влече” при судскиот “свет” и можевме порано да аплицираме до Евроскиот суд за човекови права, но сакаме да се направи целиот круг-процес во Грција и потоа да се оди во Стразбур.

Да не заборавиме секако дека последните две години КОВИД го “замрзна” поголемиот дел од другите активности. Дури и македонските слави во македонските села ги нема две години… Секако се надеваме ќе дојдат и подобри времиња…

Поврзани новости