На нафтен танкер, кој лани беше предмет на спор меѓу САД и Иран, денеска се качила вооружена група во близина на брегот на Оман и сега плови кон Иран, објавија британски извори. Напаѓачите се качиле на танкерот „Свети Николас“ под знамето на Маршалските Острови во близина на оманскиот град Сохар, објави британската компанија за поморска безбедност „Амбри“.
Во текот на попладнето пристигна признанието на Техеран дека стои зад киднапирањето на бродот. Како што јавија иранските државни медиуми, иранската морнарица потврдила дека ја презела контролата врз танкерот во близина на брегот на Оман. Таа наведува дека постапила по „судска наредба“, пренесува Франс прес.
#BREAKING Iran navy says seized oil tanker off Oman following 'court order': state media pic.twitter.com/OJkyR230Dt
— AFP News Agency (@AFP) January 11, 2024
Британската агенција за поморски трговски операции (УКМТО) денеска добила дојава дека група од четири до пет вооружени мажи се качиле на брод лоциран на околу 50 наутички милји источно од брегот на Оман. Групата носи воени униформи и црни маски, според УКМТО.
Системот за следење на бродот бил исклучен додека се движел во правец на иранското пристаниште Бандар-е-Џазк. Соединетите Држави го зазедоа „Свети Никола“ во 2023 година како дел од санкциите против Исламската Република, додека пловеше под името Суец Рајан.