Маж со панцир и вооружен со автоматска пушка и пиштол влегол во продавницата и застрелал тројца афроамерикански клиенти пред да се самоубие.
Според канцеларијата на шерифот во Џексонвил, маж на возраст од 20-ти години, кој се уште не е именуван, носел панцир кога влегол во филијалата на „Долар Џенерал“ вооружен со автоматска пушка и пиштол.
Убил тројца афроамерикански клиенти – двајца мажи и една жена.
По пресметката со полицијата се самоубил.
„Ова пукање беше расно мотивирано и тој ги мразеше црнците“, рече шерифот на Џексонвил ТК Вотерс на прес-конференција.
Вотерс рече дека властите веруваат дека напаѓачот дејствувал сам и дека пред нападот напишал „неколку манифести“ за медиумите, родителите и полицијата во кои детално ја опишал неговата „одвратна идеологија на омраза“.
Вотерс рекол дека на оружјето што го носел имало нацртани „свастики“.
Тој рече дека напаѓачот бил забележан на локалниот историски колеџ, Универзитетот Едвард Вотерс, каде што облекол елек и маска пред да оди во локалната филијала на Dollar General, американски синџир со попусти.
Жртвите на нападот не се именувани.
Шери Онкс, специјален агент задолжен за канцеларијата на ФБИ во Џексонвил, рече дека федералните власти отвориле истрага за граѓански права и ќе го истражат инцидентот како злосторство од омраза.
„Злосторствата од омраза отсекогаш биле и секогаш ќе останат главен приоритет на ФБИ бидејќи тие не се само напад на жртвата, тие исто така имаат за цел да ја загрозат и заплашат целата заедница“, рече Онкс.
Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, го опиша пукањето како „ужасно“ и го нарече напаѓачот „ѓубре“.