Рускиот претседател Владимир Путин, денеска, во вонредното обраќање до руската јавност, откако војниците на групата „Вагнер“ синоќа влегоа во Ростов на Дон, изјави дека чинот е „предавство и забивање нож в грб“.
„Ова е еднакво на вооружен бунт, Русија ќе се брани. Ова е обид да не нападнат одвнатре, ова е предавство. Ситуацијата околу Ростов е многу комплицирана. Ние правиме се за да го одбиеме овој напад. Ова е нож во грб за нас.Тие што се побунија ја предадоа Русија и ги повикувам сите вклучени во таа акција да престанат со секое учество во вооружен конфликт“ – рече рускиот претседател.
Тој јасно кажа дека е издадена наредба за неутрализирање на сите кои го организирале овој бунт, јави ДПА.
-Ќе се спротивставиме на искушенијата и предизвиците. Ќе бидеме посилни од порано – рече претседателот на Русија.
Путин порача дека оние кои ја делат Русија и нејзините граѓани неизбежно ќе бидат казнети.
Во обраќањето до нацијата тој кажа дека Русија води тешка битка за иднината и дека целата „воена и информатичка технологија на Западот е против Русија“.