Вонредната состојба завршува вo сабота, датумот за избори се уште неизвесен

by Fokus

Четиринаесетдневната вонредна состојба завршува вo сабота, а партиите се уште се без договор за датум за избори. Владата прави проценка дали ќе бара продолжување на вонредната состојба. Нема најава за нова лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, откако на двете претходни не беше постигнат договор за теминот за изборното соочување.

Власта инсистира на избори во првиот можен термин кога ризикот од ширење на заразата ќе биде сведен на минимум. Тоа, според СДСМ, е потребно и одговорно, токму заради здравјето на граѓаните, заради целосен рестарт на македонската економија, но и за заштита на демократијата преку соодветна контрола на Владата и обезбедување функционални демократски институции.

Затоа сметаат дека изборите се решение, а не проблем. Соодветно време за избори, според нив, е пред почетокот на летото, посочувајќи го како термин 21 јуни. Брзи избори, пак, за ВМРО-ДПМНЕ не се решение, туку проблем. Обвинуваат дека со инсистирање на избори во време кога пандемијата се уште не е стивната се загрозува здравјето на граѓаните. Власта, според нив, уште од првиот момент на пандемијата на корона вирусот води политика наместо конкретни мерки за заштита на здравјето на граѓаните.

Остануваат на ставот за избори на крајот на август или септември. Двете партии велат дека се подготвени за консензус и не ја исклучуваат можноста за договор, иако инсистираат да отстапи другата страна.

Како можно компромисно во решение во медиумите се спомнува 5 јули, но официјалната потврда за тоа засега нема. До крајот на неделата Владата мора да ги заврши анализите и да одлучи дали ќе бара продолжување на вонредната состојба.

Одлуката е на претседателот на државата дали ќе ја продолжи, но во контекст на изборите од Владата истакнуваат дека според уставот и законите, во оној момент кога ќе заврши вонредната состојба продолжуваат сите изборни дејствија кои беа прекинати поради пандемијата на коронавирусот.

За премиерот Оливер Спасовски изборите се детерминираат од денот на завршувањето на вонредната состојба. Изборите тој смета дека треба да се одржат 22 дена откако ќе заврши вонредната состојба. Спасовски вели дека има уставен рок од 60 дена што укажува дека од моментот на распуштањето на Собранието изборите треба да бидат одржани во рок од 60 дена. Според тој роковник, остануваат уште 22 дена за одржување на изборите, смета Спасовски.

Тој очекува да има дијалог меѓу политичките партии и врз основа на тој дијалог да се носи одлуката во рамките на роковите што се предвидени.

Избори на 5 јули е прифатлив термин за Либерално-демократската партија (ЛДП), кажа вчера претседателот на партијата Горан Милевски.

– Ја поддржуваме иницијативата на ДУИ парламентарните избори да се одржат на 5 јули. Мислиме дека е крајно време да се закаже датумот за изборите, бидејќи, како што може да се забележи, кризата го намалува влијанието, но во догледно време нема целосно да се укине: не може да чекаме да нема ниту еден заболен, зашто не знаеме кога ќе биде. Ние мора да ги одржиме изборите, зашто проектите се закочени, рече Милевски.

Партиите од албанскиот политички блок чекаат договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, иако ДУИ јавно се декларира за брзи избори зависно од состојбата со Ковид-19, Алијансата за Албанците и Алтернатива се за избори на 26 јули, а БЕСА е против пролонгирање на изборите и ќе го прифати евентуалниот меѓупартиски консензус.

Првично, изборите беа закажани за 12 април, но поради пандемијата со коронавирусот и вонредната состојба тие беа одложени со владина Уредба со законска сила.

Поврзани новости